По две виртуелни изданија поради пандемијата, 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал започнува денес и се враќа во својата стандардна форма со физичко присуство и црвен тепих.
Берлинале ќе го отвори филмот „Таа дојде кај мене“ во кој играат Питер Динклеџ, Ен Хатавеј и Мариса Томеи.
Во конкуренција за Златната мечка годинава влегуваат 19 филма меѓу кои и новиот документарен филм на Шон Пен, „Супермоќ“ во кој е прикажано неговото искуство од престојот во Украина по почетокот на руската инвазија.
Годинешниот состав на жирито го предводи актерката Кристен Стјуарт придружена од иранско-француската актерка Голшифте Фарахани, режисерката Валеска Грисебах, режисерот Раду Џуд, кастинг директорот и продуцент Франсин Мејслер, режисерката Карла Симон и режисерот и продуцент Џони То.
Фестивалот ќе трае до 26 февруари.