Денес промоција на сликовницата „Другарко“

Денес (сабота, 11 мај) во 17 часот во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се случи промоција на сликовницата „Другарко“ од авторот Денис Јанкуловски – Космонаутко со илустрации на Наташа Костовска.

На промоцијата ќе настапат инклузивното танцово студио „Еурека“, и Марија Савеска и Дени Жерновска.

Со авторот Јанкуловски и илустраторката Костовска за сликовницата ќе разговараат книжевната критичарка Александра Јуруковска и издавачот, Дејан Трајкоски.

Сликовницата „Другарко“ на неодамнешниот Саем на книгата го доби највисокото признание за општествена одговорност кое што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.

„Ова е една од ретките сликовници кај нас, којашто се занимава со децата со нетипичен развој. Во сликовницата, главниот јунак е детето Другарко кое има аутизам и коешто си живее во својот свет, а приказната е мајсторски раскажана, испреплетена со етички поуки за другарството, заедништвото и почитувањето на поинаквите. Боите во сликовницата се ненападни, а и фонтот е едноставен, а не разигран, со цел сликовницата да можат да ја гледаат и читаат сите деца“, се вели  во образложението на жири-комисијата.

„Другарко“ е во издание на Прозарт медиа а објавувањето е поддржано од Министерството за култура, Шпаркасе банка, Дата Понс, Тиквеш и Сити Флауерс.