Вечерва (понеделник, 20 мај) во Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 19:30 часот ќе се одржи Свечено врачување на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Годинашен лауреат е романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска во издание на Издавачкиот центар „Три“. Одлуката за наградата, која се состои од плакета, оригинална статуетка (изработка на академскиот скулптор Сашо Саздовски) и паричен износ од 150.000 денари, ја донесе жири-комисијата во состав: Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.
Повеќе за добитникот на годинешната награда може да слушнете во аудо-интервјуто кое го направивме со авторката Лидија Димковска:
Аудио-интервју со Лидија Димковска, авторка на „Единствен матичен број“ кој е Роман на годината 2023
Во рамките на свеченоста ќе биде отворена изложба „25 години Роман на годината“ на која ќе бидат претставени сите дела – досегашни носители на ова признание.
„Станува збор за лична донација на Манчо Митевски на Фондацијата, која се состои од сите нагредени дела со потписи и посвети на авторите. Манчо Митевски е еден од основачите на ‘Утрински весник’ и на наградата ‘Роман на годината’. Тој беше иницијатор за формирање на Фондацијата ‘Славко Јаневски’ со цел наградата да може да опстои и натаму“, се вели во најавата за настанот.
На свеченоста ќе бидат врачени благодарници на поединци и организации што придонеле за развојот на наградата, а ќе бидат емитувани видео материјали за нејзиниот развој, а сето тоа ќе биде проследено со музички настап на џез бендот на Гоце Стевковски.
Во рамките на обележувањето на јубилејот, Фондацијата „Славко Јаневски“, заедно со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ организираше мошне содржајна дебата за македонскиот роман и современите тенденции во светската книжевност.
Од Фондацијата најавуваат низа други активности и содржини со кои ќе го обележуваат јубилејот во текот на целата година.
Наградата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје.