Со пет филмови за деца и млади од поновата европска продукција, денес започнува „Недела на детски филмови“ во киното „Манаки“ во Битола.
Во 11 часот претпладне ќе започне проекцијата на филмот „Неверојатната приказна за џиновската круша“, кој е синхронизиран на македонски јазик.
Програмата за детската филмска недела ќе продолжи до 8 јули со секојдневни проекции, а е во организација на дистрибутерската куќа „Узенгија“ во рамките на програмата на годинешното издание на „Бит-фест 2022“.
Оттаму објаснуваат дека денешната проекција „Неверојатната приказна за џиновската круша“ е филм базиран на истоимената популарна книга за деца од Јакоб Мартин Стрид.
„Тоа е приказна за две другарчиња – слонот Себастијан и мачката Мичо кои се впуштаат во морска авантура за да го спасат исчезнатиот градоначалник Џи Би, кому еден ден мистериозно му се губи трагата. Тие го совладуваат морето со нивната џиновска круша и во текот на нивната авантура ќе налетаат на пирати, змејови и чудни духови“, гласи краткото сиже на филмот.
Утре во 11 часот ќе се прикажува детската авантура „Кариран нинџа“, која исто така е синхронизирана на македонски јазик.
На програмата до 8 јули се и „Хакер“, „Патештествието на принцот“ и „Мираи“, а и повторно „Неверојатната приказна за џиновската круша“ и „Кариран нинџа“ со синхронизација на албански јазик. Влезот за проекциите е слободен.
Програма
„Неверојатната приказна за џиновската круша“
04 јули со почеток во 11 часот – синхронизација на македонски јазик
07 јули со почеток во 13 часот – синхронизација на албански јазик
„Кариран нинџа“
05 јули со почеток во 11 часот – синхронизација на македонски јазик
08 јули со почеток во 13 часот – синхронизација на албански јазик
„Хакер“
06 јули со почеток во 11 часот – синхронизација на македонски јазик
„Патешествието на принцот“
07 јули со почеток во 11 часот
„Мираи“
08 јули со почеток во 11 часот