Матурантите во Македонија денеска го полагаат вториот екстерен испит, кој е задолжителен во рамките на државната матура. Учениците имаа можност да бираат меѓу еден странски јазик и математика. Најбројни се пријавените за полагање англиски јазик – 13.198 матуранти, а математика денеска полагаат 1.356 ученици, пренесува новинската агенција Мета.
Минатата година, околу 3.000 матуранти беа фатени како препишуваат на испитот по англиски јазик. Препишаните есеи им се бодуваа со 0 поени. Токму поради тоа, од годинава испитот се полага во холови и во сали, за да биде процесот пообјективен и за да се намали препишувањето.
Минатата година, ако ученик беше „фатен“ со препишан дел од есејот по мајчин јазик на државната матура, есејот беше бодуван со 0 поени. Но, годинава има ново правило, согласно кое ако се утврди препис во есејот, целиот испит да биде поништен.
Прелиминарни резултати од државната матура ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.
Правилото налага во текот на полагањето во тие 3 часа, да нема пауза. Има можност ученикот да излезе и да се врати, до тоалет, со придружба на тестатор.
Државната матура кај нас се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа.