Скопскиот Пет шоп Мона денеска за прв пат иницира одбележување на Меѓународниот ден на кучето во Македонија. Попладнево од 17 до 20 часот организираат дружба на улицата Рузвелтова број 9 во Скопје, па ги повикуваат сите заинтересирани љубители на кучиња за меѓусебна комуникација која би требало да ги постави основите на идното одбележување на овој ден кај нас.
Меѓународниот ден на кучето се одбележува секоја година на 26 август за да им се оддаде почит на сите кучиња – без разлика на облиците, големините, возраста и расите – и да го поттикне посвојувањето на сите оние кои допрва треба да најдат дом и семејство засекогаш.
„Тоа е добра и симболична прилика да се прослави најдобриот пријател на човекот и да се потсетиме дека секое куче ширум светот заслужува подобар живот – живот во радост, љубов, заштита, грижа и почит. Посебен ден за подигање на свеста за посвојувањето куче бидејќи ако барате животен придружник, засолништата се полни со четириножни пријатели кои ве чекаат“, велат организаторите.
Тие посочуваат дека кучињата денес имаат големо учество во нашето општество. Имаат значајна улога да му помогнат на човекот во секојдневниот живот. Ширум светот кучињата се обучуваат за потрага и спасување луѓе, има работни кучиња кои се обучени да им помагаат на лицата со посебни потреби, полициски кучиња за откривање, трагачи на аеродроми. Во поново време кучињата дури успеваат да откријат рак кај пациенти.
„Денес, исто така, сакаме посебно да размислиме за сите кучиња кои сè уште се оставени во многу делови од светот бидејќи на луѓето, владите или на локалните власти не им е грижа. Треба да се потсетиме на сите убиени или малтретирани кучиња, но и на оние кои живеат како бездомници, во страдања, без човечка грижа. На таквите кучиња им трeба помош и спас“, велат организаторите.
Овој ден е по прв пат одбележан во 2004 година од Колин Пејџ, во Соединетите Американски Држави. По воведувањето на Меѓународниот ден на кучето, во Америка биле посвоени повеќе од еден милион бездомни кучиња. Овој тренд е, од тогаш, забележлив и во многу други земји во светот, а Националниот ден на кучето сега се слави низ целиот свет како Меѓународен ден на кучето, соопшти организаторот Пет шоп Мона.