Младиот голман Дејан Илиев лани стана член на славниот лондонски премиерлигаш Арсенал. Осумнаесетгодишниот Илиев подолго време бил „скениран“ од скаутите на лондонските „топџии“ пред да го потпише договорот.
– Чувството да се биде дел од Арсенал е навистина прекрасно. Сон на секој фудбалер е да биде дел од таков гигант. Со задоволство играм за Арсенал и среќен сум што сум таму. Веќе година и половина сум во клубот, се забележува голем напредок во мојата игра и однесување – тоа ми го зборуваат тренерите, соиграчите и моите блиски. Се надевам дека ќе продолжам во таа насока и во блиска иднина зборовите на Арсен Венгер ќе станат реалност, а тоа е да бидам прв голман на Арсенал, вели Илиев.
Дени од скаутите на Арсенал бил забележан пред две години, успешно ја мина контролата во претставништвото на Англичаните во Грција, а главниот филтер го помина во младинската академија на Арсенал во Лондон под будното око на Арсен Венгер. Големиот француски стручњак по првиот тренинг на Илиев на стадионот „Емирати“ изјави: „Ако продолжиш вака, за две години ќе станеш прв голман на Арсенал“.
– Од скаутингот до тренинзите и натпреварите, во Арсенал се е поставено како што треба. Секој знае што работи и зошто ги извршува дадените обврски. Луѓето од Арсенал ги следеа моите настапи за репрезентацијата на Македонија до 17 години, игравме квалификациски турнир во Струмица против Турција, Шкотска и Луксембург. На натпреварот против Турција (1:1) бев прогласен за играч на натпреварот и тоа беше прва вистинска препорака дека Арсенал гледа потенцијал во мене. Потоа Тони Робертс, сегашниот мој тренер ме повика на проба во Атина, во базата на Арсенал. 40-тина голмани од Југоисточна Европа пет дена имаа прилика да ги потврдат своите квалитети и да се надеваат дека можат да потпишат договор со Арсенал. Следната моја проба пред да го потпишам договорот беа двете седмици минати во Лондон. Работев напорно, но повредата на зглобот на ногата ме спречи да потпишам веднаш. Паузирав неколку месеци и конечно по настап за репрезентацијата на Македонија против Чешка добив повик од Арсенал. Од канцеларијата на Арсенал ме прашаа дали сум подготвен во понеделник да летам за Лондон, реков да и во понеделник веќе бев во Лондон. После два контролни натпревари официјално ми рекоа – Дени, добредојде во Арсенал.
Дени е мерна единица за работа, пожртвуваност и борба на спортското поле. Илиев од својата седма година почнал да тренира во Беласица, клубот чиј гол со успех го бранеше неговиот татко Марјан во осумдесеттите години во тогашната втора југословенска лига.
–Имав среќа прв тренер да ми биде татко ми, а потоа четири години ме тренираше Томе Пандев, поранешен прв голман на Беласица и братучед на Горан Пандев. За добар голман многу значајна е индивидуалната работа и секако талентот кој го наследив од татко ми, вели Дени.
По 17 години минати во клубот, Венгер е Арсенал. Француски стручњак не е тешко да се замисли како со раширени крилја им пркоси на скептиците, убеден дека се створени сите предуслови со своите раце да го носи кон височините своето дело и да не падне на тврда почва. Изјавата на Венгер зборува доволно за квалитетите и потенцијалот на македонскиот репрезентативец.
–Во Арсенал има неверојатен притисок за успех, не е лесно да се биде „топџија“, но за мене тоа не е пресудно, напротив, ми дава многу поголем мотив да успеам. Тренираме во ист тренинг-камп со првиот тим на Арсенал. Неколкумина од нас речиси на секои тренинг добиваат шанса од Венгер да работат со најдобриот состав. Шпанецот Санти Казорла е фудбалерот кој ми оставил најголем впечаток, неверојатен работник на теренот. Тео Волкот има неверојатно силен удар, исто како и Жиру. Првата година имав шанса да го запознаам Робин ван Перси, заедно работевме на неколку тренинзи, неверојатен фудбалер, едноставно не знаете каде ќе се движи топката по негов удар.
Целата сторија можете да ја прочитате на веб-страницата на Фудбалската федерација на Македонија.