Денот на пинг-понгот одбележан и во Штип

Со турнир во штипската Гимназија одбележан Светскиот ден на пинг-понгот.  Спортскиот настан во организација на „Млади хаб“ се случи на 6 април. Учествуваа пингпонгари од целата држава, а најбројни беа од источниот регион. 

„Турнирот е организиран од Младинска банка-Штип, како механизам за поддршка на младите и младинските иницијативи за Фондацијата за развој на локалната заедница-Штип, со поддршка на УСАИД, преку проектот ‘Направи разлика’. Ова е одлична прилика да се забележат амбициите на тимовите, нивните мотивации и страст кон пинг-понгот, истовремено градејќи заедница која поттикнува здрава конкуренција и пријателство“, изјави Кире Јованов од „Млади хаб“.

„’Млади хаб’ е место во кое заедно се дружиме и твориме. Затоа, преку овој настан сакавме да го збогатиме местото кое многу допринесува за младите. Токму преку влезниците кои ќе ги платат учесниците на турнирот имаме за цел да допринесеме во доопремувањето на ‘Млади хаб’“, изјави една од волонтерките на настанот.

На турнирот учество зедоа 16 тимови, во секој тим по 3 члена играјќи меѓусебно, а  победниците добија парични награди.

Директорката на Гимназијата „Славчо Стојменски“,  Весна Ристова, изјави дека настанот е од големо значење за училиштето и учениците. Истакна дека тие како училиште се горди што младите се насочени кон спортот и ги негуваат вистинските вредности. Им посака среќа во иднина и ги охрабри дека само така ќе се изградат во вистински личности. 

Од „Млади хаб“  посочија дека турнирот ќе стане традиционален.

Авторка: Милена Тасева

I година СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ -Штип

*Оваа објава е дел од #МладинскиГлас – мини рубрика на Радио МОФ каде се објавуваат содржини од членовите на младинските новинарски клубови на Радио МОФ. Прилогот е изработен од клубот во Штип под менторство на новинарката Александра Ристевска.