Младинската организација „Младите можат“ го организира настанот „Денови на финансиска независност“ кој ќе се одржи во понеделник и вторник (15 и 16 мај) во локалот „Кантина“.
Агендата и двата дена ќе започне од 16 часот со тоа што првиот ден (понеделник) младите ќе имаат можност да проследат кратки обуки и предавања на темите „Лични финансии“, „Банки“ и „Отворени инвестициски фондови“. Следниот ден, предвидените теми се „Берза“, „Крипто“, „Пензиски фондови“, „Осигурување“.
„Настанот има за цел да им помогне на младите да ја разберат важноста за финансискиот менаџмент, раководењето со сопствените средства, како да инвестираат и се што е најбитно поврзано со финансиите“, велат од „Младите можат“.
Сите заинтересирани за учество потребно е да го пополнат овој формулар. Од организацијата информираат и дека се предвидени средства за покривање на патните трошоци на учесниците.
„По завршување на настанот младите ќе имаат можност да бидат дел и од медиумска кампања која понатаму ќе ги подучува останатите млади за важноста на финансиската писменост, како и некои од основните концепти поврзани со истата. Тие ќе можат креативно да се изразат преку социјалните медиуми на ‘Младите можат’, поконкретно преку Инстаграм и ТикТок страната на која ќе се споделуваат tutorials и кратки совети и трикови за менаџирање со сопствените средства“, соопштуваат од граѓанското здружение.