Центарот за култура-Битола во соработка со Амбасадата на Италија во Македонија и годинава ја реализира културната манифестацијата „Прозорец кон италијанскиот филм“ – ревија на италијански филмови од најновата продукција.
Филмовите се посветени на теми поврзани со актуелните состојби во италијанското општество и обработуваат содржини и случувања на современиот човек, пренесе МИА.
– Манифестацијата ја почнавме со комедијата „Добредојдовте претседателе“ на Рикардо Милани, публиката го погледна и филмот „Совршен ден“, а вечерва ќе биде емитуван филмот-драма „Мелем“ во режија на Валерија Џолино, а во кој настапуваат Јасмин Тринка, Карло Кечи и Либеро де Риенцо. Филмовите се титлувани на македонски јазик и предизвикаа интерес кај битолската публика, изјави Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
Третата по ред манифестација „Прозорец кон италијанскиот филм“ завршува утревечер со проекција на романтичниот филм „Прозорецот отспротива“ на Ферзан Озпетек, во кој настапуваат Џована Мецоџиорно, Масимо Џироти и Раул Бова.