Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, неделава ќе ја посвети на македонската литература. Оваа година манифестацијата ќе биде во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура.
Како што информираат од Катедрата, настанот „Денови на македонската литература“ ќе биде отворен на 3 април во 12 часот, со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска на тема „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам“, а ќе се одржи во Библиотеката за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет.
Воедно најавуваат дека на отворањето пред присутните ќе се обратат деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски, и раководителот на Катедрата, проф. д-р Трајче Стамески.
Истиот ден, со почеток во 18 часот, во амфитеатарот 3 на Филолошкиот факултет ќе се одржи студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“.
Вториот ден од манифестацијата, ќе биде посветен на професори што предаваат македонска книжевност на странски универзитети. Нивните предавања во рамките на манифестацијата ќе се одржат виртуелно преку платформата „Зум“.
Истиот ден, во 10 часот, предавање на тема „Како се предава македонската книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад?“ ќе одржи проф. д-р Жељко Милановиќ од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад.
Потоа, во 11 часот, предавање ќе одржи проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, на тема „Рецепцијата на расказот ’Вампир’ од Петре М. Андреевски во Словенија: од превод до адаптација во музичко-раскажувачки перформанс“.
Сите настани од програмата на манифестацијата Денови на македонската литература се од отворен карактер.