Мрежата за медиумска писменост, која се создаде во 2017 година и во моментов брои 85 членки, ги организира „Деновите на медиумска писменост 2023“, со кои прославува мал јубилеј, 5-то издание на најзначајниот национален настан за мобилизирање на граѓаните, образовните установи, граѓанските организации, медиумите и државните институции и подигнување на свеста и напредокот постигнат во медиумската и информациската писменост.
„Деновите на медиумска писменост 2023“ ќе се одржат од 24-31 октомври под мотото: „Брз прст, лажни вести носи“, со голем број разни настани, преку кои Мрежата ќе даде свој придонес кон прославата на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост во организација на Алијанса за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.
Оваа година темата на ДМП е: „Медиумска писменост во дигиталните простори“ и е произлезена од темата на Глобалната недела.
Сите заинтересирани кои сакаат да учествуваат на настаните, што ќе се одржуваат во живо, хибридно или онлајн, како и за медиумските содржини кои ќе се прикажуваат во рамките на „Деновите на медиумска писменост 2023“ се повикуваат да ги следат информациите на Мрежата за медиумска писменост на Facebook, Instagram, Twitter и Youtube, како и на веб страницата https://mediumskapismenost.mk
Радио МОФ ќе се вклучи на Деновите на медиумска писменост со подкаст дискусија која ќе се емитува на 26 октомври од 12:30 часот. Потоа наредниот ден (27 октомври, петок) ќе организира и Отворен медиумски ден, каде сите млади од 10-12 часот ќе имаат можност да дојдат, влезат и ѕирнат во редакцијата на Радио МОФ, да ги запознаат новинарите и уредништвото, но и да дознаат како се „готви“ новинарскиот производ.