„Размислувај критички, состави ја целата приказна“ е мотото на овогодинешните Денови на медиумска писменост 2022, кои ќе се одржат од 25 октомври до 1 ноември, а се посветени на различностите и медиумската писменост.
Со нив, Мрежата за медиумска писменост се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО чиешто мото е „Негување доверба: Императив за медиумската и информациската писменост“.
Предвидени се многубројни настани кои ќе се одржуваат онлајн и во живо, како и посебни медиумски содржини и филмска програма, преку кои ќе се отворат повеќе аспекти на различностите во медиумите.
Во организацијата и оваа година, се вклучија поголем број членки на Мрежата и нивни поддржувачи: Македонскиот институт за медиуми, ИРЕКС, Проект на УСАИД за медиумска писменост – Младите размислуваат, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Институтот за комуникациски студии, Радио МОФ/МОФ, Коалиција Маргини, Фондацијата Метамофозис, ПИНА, Филолошки факултет, МРТ, Институт Макс Ван Дер Штул, Делегација на Европска Унија, СЕММ, Лице в лице, Мета.мк, Порталб.мк, Агенцијата за филм, кината Милениум, Синеплекс, Кинотека на РСМ и дистрибутерската куќа Катавеј.
Повеќе информации на www.mediumskapismenost.mk