Триесетина високо образовни институции од земјава и странство и институции од 15 земји ќе се претстават на 17. Денови на образование и кариера 2014, што од утре до 10 април ќе се одржат во хала 2 на Скопскиот саем.
На манифестацијата, како што информира Сања Кондарко, оперативен директор на „Денови на образование и кариера“, ќе учествуваат 17 домашни и 13 странски изложувачи, како и институции од Македонија, Грција, Бугарија, Словенија, Чешка, Унгарија, Русија, Германија, Словачка, Италија, Швајцарија, Велика Британија, САД и Кина.
– На саемот традиционално се претставуваат високообразовните институции, домашни државни и приватни универзитети, образовни агенции, Образовниот информативен центар, консалтинг куќи од областа на образованието, но и бизнис компании, кои нудат стручна преквалификација, обука, пракса и евентуално вработување на млади кадри, истакна Кондарко.
Покрај штандовски претставувања на институциите, додаде дека има и програма на презентации на образовните програми на учесниците на саемот, а посебен акцент ќе биде ставен на стипендиите, односно можностите за стипендирање за студии надвор во регионот, пренесе МИА.
Според Кондарко, ХУЛТ меѓународната бизнис школа, која е една од врвните 100 бизнис школи во светот ќе додели 20 деловни стипендии до 50 отсто партиципација во школарината, за бизнис администрација. Во делот на техничките науки, информира дека Средноисточниот техничкиот универзитет МЕТУ, најдобриот Универзитет за технички науки од Турција, нуди 20 стипендии за додипломнски и постдипломски студии.
Пекиншкиот технолошки институт, најдобриот технички институт во Кина, рангиран во топ 10 најдобри во Азија ќе додели 20 целосни стипендии за македонски студенти на стипендиски програми на кинеската Влада, на општинско ниво во Пекинг и за размена на студенти, а Поли – дизајн конзорциумот на Политехничкиот универзитет во Милано, една од најдобрите школи за дизајн во Италија нуди 10 стипендии со 50 отсто партиципација од школарината за магистерски студии.
Манифестацијата Денови на образование и кариера 2014 ќе биде отворена од 10 до 20 часот, а влезницата ќе чини 30, односно 20 денари за организрани групни посети.