Депониите горат и чадат

Современите центри за отпад сѐ уште се само на хартија

Проценките на националниот план за управување со отпадот покажуваат дека во Македонија има над 2 илјади диви и 54 нестандардни депонии, кои не ги исполнуваат условите за санитарна работа и ги загадуваат водите, почвата и здравјето на луѓето. Загадувач на животната средина е и единствената стандардна комунална депонија „Дрисла“ во Скопје. Надлежните очекуваат дека проблемот со депониите ќе се реши преку изградба на петте регионални центри за одлагање отпад, но и по две децении, сѐ уште се само на хартија, а еколошката правда е недостижна за граѓаните, се вели во групната сторија на Здружението на новинари на Македонија.

Охридската и струшката депонија еколошка закана во регионот под заштита на УНЕСКО

Комуналната депонија, каде што Струга го одлага сметот е на само три километри од Охридско Езеро. Неподносливата миризба и црниот чад што доаѓаат од запаленото ѓубриште станаа препознатливи за градот покрај Дрим. Екоактивистите и Македонското здружение на млади правници, пред две години одлучија еколошката правда да ја бараат по судски пат, но струшкиот Основен суд ја отфрли граѓанската тужба и се прогласи за ненадлежен. Тужителите очекуваат битолскиот Апелациски суд да одлучи по нивната жалба до крајот на годината.

– Доколку битолска Апелација ја потврди пресудата на Основниот суд во Струга, за нас се отвора патот до Европскиот суд за човекови права. Во меѓувреме, оваа депонија, на која се одлагаат околу 40.000 тони ѓубре, расте годишно по 2,5 метри во висина или по еден градежен кат – вели  Глигорие Ќатоски, адвокат и  граѓански активист од Струга.

И охридските активисти од иницијативата „Збогум Буково“ предупредуваат за сериозните последици од канцерогеното загадување на депонијата „Буково“ кај Охрид, која чади и во лето, и во зима. УНЕСКО побара да се затвори до 2020 година, но за да се случи тоа, потребно е да се изгради регионален центар за управување со отпад, кој сѐ уште е проект само на хартија.

– Проектот е заглавен во процедури и во тендери, но здравјето на граѓаните не може да чека. Сведоци сме дека отровните чадови речиси секојдневно стигнуваат и до Охрид, и до Ресен – вели екоактивистот Васко Зороски од „Збогум Буково“.

Спасот се гледа во изградба на регионална депонија во Новаци

Проблемот со загадувањето на почвата, водите и воздухот што го предизвикуваат 18 нестандардни депонии во југозападниот и во пелагонискиот регион, се очекува да се надмине со  регионален центар за управување со отпад. Локацијата е веќе избрана и е во еден од старите рударски копови на РЕК Битола, во близина на депонијата  „Мегленци“ во Општина Новаци.

– Веќе е прифатен условот, а тоа е изградба на сообраќајна делница наменета исклучиво за тешките товарни возила што ќе го пренесуваат отпадот до Регионалната депонија. Нема  отпор кај населението, бидејќи сите сме свесни дека сѐ е подобро решение од нестандардната депонија Мегленци – вели Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.

Во близина на „Мегленци“ се најавува новиот регионален центар за отпад (автор на фотографијата: Е. Мисирлиевски)

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека регионалниот центар за управување со отпад кај Новаци ќе биде готов за три години.

– За локацијата кај Мегленци се подготвува проект врз основа на кој ќе се распише тендер за изведба на градбата. Оваа постапка ќе заврши во втората половина на 2025 година. Изградбата се очекува да заврши во 2027 година. Осумнаесет општини од југозападниот и од пелагонискиот регион ќе бидат корисници на овој проект, кој се проценува да чини околу 11 милиони евра – се наведува во одговорот од МЖСПП.

Депонијата „Русино“ помеѓу можна еколошка бомба и современа регионална депонија

Во полошкиот регион, кој опфаќа шест општини во Тетовско и три во Гостиварско, дивите депонии ги има на секој чекор. Она што во иднина треба да претставува современа регионална депонија,  во која се остава сметот од полошкиот регион, е депонијата „Русино“. Сместена е на неколку километри од Гостивар, на надморска височина од околу 850 метри, на локација на некогашна фабрика за тули. Во 2018 година, општините од полошкиот регион потпишаа Меморандум за соработка, според кој, депонијата „Русино“ ќе биде уредена со соодветни процедури и стандарди за да прерасне во регионална депонија.

Бидејќи не можеше веднаш да се изгради планираното, следеа блокади на патот кон „Русино“ од страна на локалното население, кое се плашеше за своето здравје од камионите со смет што минуваа низ селото. Гостиварци протестираа бидејќи при избивање пожар на депонијата, а тоа беше честа појава, доаѓаше црн и смрдлив чад во градот.

Депонија „Русино“ (автор на фотографијата: ЈП „Русино“ Полог)

Преку меѓународна поддршка се направи подготовка за регионален план за управување со отпадот и стратегиска оцена на влијанието врз животната средина.

– Веќе неколку години наназад немаме протести на депонијата „Русино“. Ги презедовме потребните мерки, поставивме вага што го мери количеството на депонираниот смет, се ископаа бунари, се направи резервоар за исцедокот од депонијата, кој порано се слеваше во Вардар и уште други најпотребни работи и депонијата заличува на тоа што, всушност, треба да претставува – вели Фатмир Саити, директор на полошкиот плански регион.

Според Саити, во овој момент „Русино“ има дозвола да работи како регионална депонија, сѐ до завршувањето на административните и правните моменти.

Во депонијата „Русино“ просечно се депонираат околу 200-300 тони смет дневно, претежно во летно време, во зимно време се депонира помалку, а годишно се депонираат околу 70.000-80.000 тони.

Загадува и  „Дрисла“ единствената стандардна депонија во државава

Комуналната депонија „Дрисла“ е лоцирана југоисточно од Скопје, на околу 14 километри од центарот на градот, во близина на селата Батинци и Варвара. Проектираниот капацитет ѝ е 400 тони на ден и 1,2 тони медицински отпад на ден, или проектираниот капацитет на годишно ниво ѝ е 26 милиони кубни метри, односно 16,9 милиони тони комунален отпад.

Во име на жителите од населените места што гравитираат околу скопската депонија „Дрисла“, претставници на здруженијата „Ринија е Батинцес“ и „Вукат“ неодамна ја искажаа својата загриженост за лошото управување со отпадот и со медицинскиот отпад од страна на ЈП  „Дрисла“ со кое раководи Град Скопје. Тие му се пожалија на министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, дека, како последица на несоодветното управување со оваа депонија, има драстично влошување на здравјето на жителите.

За проблемот со депонијата, Меџити вели дека немањето ограда во „Дрисла“ прави сериозни проблеми за локалното население.

– Според информациите што се добиени од терен и во комуникација со локалното население, голем број кучиња имаат пристап до депонијата и до опасниот отпад, кои потоа се враќаат во селото и шират зарази – вели Меџити. Од „02 Иницијатива“ посочуваат дека за скопскиот плански регион, државата нема предвидено средства за стандардизирање на „Дрисла“ и развивање на системот за управување со отпад, иако овој регион учествува со 46 проценти од БДП на државата (податокот е за 2022 година).

ЈП „Дрисла“ планира во следните години да реализира поголеми инвестиции што ќе бидат финансирани од сопствени средства, дел со помош на владата и на европските фондови.

Депонија „Дрисла“ (фотографијата е направена од  ЈП „Дрисла“ за потребите на овој текст)

– Согласно Европските стандарди за заштита на животната средина, треба да се изгради инсенератор  за согорување медицински и друг опасен отпад, како и дробилка за инертен отпад, а добиениот дробен камен (тампон) ќе се користи за покривање на депонијата. Покрај веќе постоечката, следната година се планира изведба на уште една косина и берма, со што се овозможува стабилност на телото на депонијата, спречување од ерозија од поројни води и целосно затревување на тој дел од депонијата. Исто така, ќе ја санираме оградата на депонијата за заштита од влегување на кучиња и неформални собирачи на отпад во депонијата – велат од ЈП „Дрисла“.

Скопје го задушуваат и дивите депонии

Карактеристично за Скопје и за неговата околина е големиот број диви депонии. Според официјалните податоци, на територијата на Град Скопје се евидентирани преку 120 диви ѓубришта. Согласно достапните податоци, во текот на 2023 година биле отстранети околу 10.617 кубни метри отпад од диви депонии во Скопје, а во првата половина на 2024 година, отстранети се 2.500 кубни метри отпад од приближно 150 локации.

Кирил Ристовски од „Флоразон“ смета дека справувањето со дивите депонии во Скопје бара координиран пристап и ангажман од сите релевантни страни.

– Најпрво потребно е да се воспостави засилен инспекциски надзор и ефективен систем на  санкции – два клучни фактори неопходни за контрола и превенција на нелегалното одлагање отпад – смета Ристовски.

За загадувањето на животната средина, граѓаните можат да ја тужат државата пред Управен суд

На 28 октомври оваа година, Врховниот суд го објави начелниот став во врска со загадувањето на животната средина, според кој, граѓаните можат да ја тужат државата пред Управниот суд  за да го остварат правото на здрава животна средина.

– Согласно националната и меѓународната регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните. Во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконски акти и дејствија со кои се повредуваат уставно загарантираните права и слободи, кога таа конкретна судска заштита не е предвидена со Уставот и со другите закони – се вели во начелниот став на Врховен суд.

Ваквиот став на Врховен суд следи откако Управниот суд, во неколку наврати ги одбиваше тужбите на граѓаните против државата за загадување на животната средина.

Автори на текстот: Емилија Мисирлиевски, Зоран Андонов, Светлана Блажевска, Зејнеп Хусеин и Ивана  Јаневска

Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Унапредување на еколошката правда во Северна Македонија“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е поддржан од Глобалната програма на УНДП за зајакнување на владеењето на правото, човековите права, правдата и безбедноста за одржлив мир и развој. Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП.