Депонијата „Дрисла“ со нов в.д. директор станува јавно претпријатие на Град Скопје

„Дрисла“ станува јавно претпријатие за управување со комунален отпад, откако претходно беше дадена под концесија на „ФЦЛ Амбиенте“. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов вели дека се создадени услови уште утре да биде разрешен сегашниот директор на „Дрисла”, Горан Ангелов, а да биде именуван нов в.д. директор.

Според Шилегов, заврши „деветгодишната авантура со која овој моќен градски капацитет беше на користење на несоодветни т.н. партнери на градот“.

„Во периодот што следува, за исправноста на работењето на депонијата ‘Дрисла’ ќе одговара Град Скопје и јас лично како ваш градоначалник“, рече Шилегов.

Петре Шилегов, на денешната прес-конференција (фото: Град Скопје)

По изборот на нов в.д. директор, на седница на Советот на Град Скопје, закажана за 29 јануари, треба да бидат избрани и управен и надзорен одбор на ова градско претпријатие.

Исто така, Шилегов додаде дека по завршувањето на оваа постапка, ќе ги повика надлежните институции и заинтересирани граѓански здруженија и асоцијации, сите заинтересирани поединци да помогнат заеднички да се направи анализа на досегашното работење на депонијата и заеднички да ја утврдат фактичката состојба на „Дрисла“.

„Во периодот што следува прва грижа на Градот ќе биде ‘Дрисла’ да стане прва санитарна депонија која ќе применува современи технологии за управување со отпадот и целокупниот нејзин економски потенцијал ќе биде ставен исклучиво во служба на граѓаните“, нагласи Шилегов на прес-конференцијата.

Ова се случува во време кога бугарските медиуми пишуваа дека досегашниот директор на депонијата, Горан Ангелов, преку негова фирма во Бугарија „Блацион“ ООД извршил увоз на 25 контејнери опасен отпад од Италија. Ангелов е директор на „Дрисла“ назначен од „ФЦЛ Амбиенте“, а оваа функција ја вршеше и кога депонијата беше под надлежност на Град Скопје во мандатот на бившиот градоначалник Коце Трајановски.

Бугарското Обвинителство веќе отворило истрага за незаконскиот увоз на отпадот од Италија на компанијата „Блацион“ ООД во која управител е Блаже Игњатовски, исто така претставник во Собир на содружници на депонијата „Дрисла“. Ангелов, пак, поседува 15 отсто од сопственоста на бугарската фирма.

„О2 Иницијатива“ вчера реагираше дека земјите во регионот веќе делуваат на проблемот, отвораат истраги, додека кај нас, велат еко-активистите, официјалните институции и претставници не гледаат никаков проблем кога е во прашање трговијата со отпад, а при тоа државата нема ни кадри, ни опрема, ни акредитирана лабораторија, ниту пак доволно обучени и некорумпирани инспектори за да го потврди тоа што го тврди.

Според еко-активистите, кај нас нема ни признание дека имаме проблем, камоли нешто да се направи на темата.

„Се брани увозот на отпад, а при тоа имаме институционален колапс на сите страни. ’Дрисла’ нема автоматски мониторинг систем на печката за горење на медицински отпад, иако се обврзани. Барањето за итно воведување на автоматски мониторинг систем и казна за не воведување и за инспекторите кои не поднеле пријава за овој прекршок, беше лично доставено заедно со други барања до заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули уште во септември 2017. Беше доставена и до претставниците на Владата. Никој ништо не направи ни по тоа, ни по другите барања. Важно обвинителството во нивната истрага утврдило дека не биле испуштани отровни или издувни гасови во поголемо количество, без при тоа да има податоци од 24-часовен автоматски мониторинг кој е обврзувачки, а го нема и без соодветни податоци за диоксините и фураните, тешките метали. Прекршок не нашле. Немањето автоматски-24 часовен мониторинг што е?“, се вели меѓу дригото во реакцијата на „О2 Иницијатива“.

Б.Ш.