Од 16 до 26 март, Мировна акција – Прилеп & Тетово, го организира деветтиот по ред „Tренинг за соочување со минатото и изградба на мир“ кој ќе се одржи во Крушево.
Програмата на тренингот е флексибилна и направена да ги следи потребите на учесниците, порачуваат организаторите. Предвидено е да се разработуваат теми поврзани со насилство, разбирање на конфликти, соочување со минатото, изградба на мир, ненасилна акција, родни улоги, дискриминација, како и идентитет и национален идентитет.
Според организаторите тренингот е наменет за оние кои бараат сигурен простор за отворен дијалог, кои бараат простор, инспирација и сојузници за општествена промена, како и за сите кои не се задоволни од реалноста во која живеат и сакаат да ја менуваат.
„На тренингот нудиме простор за размена на различни погледи и приказни. Ја раслојуваме реалноста за да можеме да ја разбереме и критички да ги согледаме постојните општествени односи. Преиспитуваме и реконструираме. Ги отвораме болните теми од минатото, (особено оние поврзани со 2001 година и историјата на конфликти) со намера да ги направиме поподносливи за во иднина“, посочуваат организаторите.
Тренингот е отворен за сите полнолетни граѓани и граѓанки на Република Македонија. За учество не е потребно да си член/ка на здруженија на граѓан(к)и или да си активен/на во некоја неформална граѓанска иницијатива, додека сите трошоци за учество на тренингот (патни трошоци, сместување и храна) ги покрива Мировна акција.
Повеќе информации за тоа како може да се пријавите вожете да најдете на повикот на интернет страницата на „Мировна акција“. Информациите треба да бидат испратени најдоцна до 6 март.