Поминаа десет години откако постои теренскиот проект „Викиекспедиции“, кој се спроведува на волонтерска основа од страна на членови на Здружението „Викимедија МКД“. Истражувањата ја однеле екипата во 46 различни области во Македонија, посетени се 1083 македонски села, нивната околина и знаменитостите, направени над 18.500 фотографии и создадени или збогатени над 3.200 статии на Википедија на македонски јазик.
Изложбата на 100 одбрани фотографии, насловена „Во допир со Македонија – 10 години Викиекспедиции“, ќе се отвори на 26 април, сабота, со почеток во 18 часот во Музејот на современа уметност во Скопје.
„Од започнувањето на проектот во 2015 година, променети се осумнаесет различни членови на екипата којашто ги спроведува теренските истражувања, но составот на екипата во последните шест години го сочинуваат четворица членови чии улоги се поделени на истражувач, фотограф, возач и оператор на дрон“, раскажуваат од „Викимедија МКД“.
Пред да ја започнат својата единаесетта сезона, Здружението сака од поблиску да ја информира јавноста за досегашните истражувања, достигнувања, нивното значење и можностите кои ги нуди слободната енциклопедија Википедија.
„Настанот е посветен на претставување на културните и природните знаменитости длабоко скриени во македонските села“, велат од Здружението.