Десет македонски документарни филмови ќе бидат прикажани како дел од програмата на јубилејното 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој ќе се одржи од 21 до 28 август во Куршумли-ан и МКЦ во Скопје.
Филмската програма ќе содржи вкупно 70 документарни остварувања на автори од целиот свет, соопштија денес организаторите на прес-конференција.
Круна на македонската програма ќе биде премиерната проекција за публика на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. По светската премиера во јануари 2019 година, на 38. Фестивал на независни филмови „Санденс“ филмот ги освои трите главни награди, а е прикажан и на повеќе светски фестивали.
„Публиката со нетрпение го очекува во македонските кино-сали, а честа прв да го прикаже ја има фестивалот „МакеДокс“. Филмот ќе биде прикажан на затварањето на фестивалот, ќе има две проекции на 28 август, а по проекцијата во Куршумли-ан ќе следува концерт на групата „Фолтин“, соопшти Петрула Велјановска.
Но, ќе бидат прикажани и „Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата режисерка Билјана Гарванлиева (1973-2016), кој го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер. Проекција ќе има и документарецот „Манаки – приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, кој направи приказ на фотографските дела на првите балкански сниматели – Јанаки и Милтон Манаки.
Филм за отворање на фестивалот е „И сѐ стана песна“ (Ирска, Велика Британија/ 2019/ 92 мин.) на режисерот Шејмус Марфи. Станува збор за автентично интимно патување низ инспирацијата, пишувањето и снимањето на албумот „The Hope Six“ на познатата музичарка Пи Џеј Харви. По филмот ќе се одржи концерт на Џон Периш и Марта Колика со Џорџа Поли, како специјална гостинка.
Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“. За фестивалските награди „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори.
Земја во фокус е Германија, а работите судбински се наредија десетото издание на „МакеДокс“ да се совпадне со стогодишнината од основањето на „Баухаус“ и 30-годишнината од рушењето на Берлинскиот ѕид. Во програмата ќе бидат прикажани осум германски креативни документарци создадени во последниве 20 години.
Главна тема на фестивалот е копродукцијата, како алатка за создавање културни врски меѓу државите и градење мостови на соработка меѓу уметниците. На темата копродукција од 25 до 27 август во МКЦ ќе се одржи форумот „MakeCoProDox“, на кој ќе учествуваат претставници на филмските фондови и агенции од регионот и скандинавските земји, како и 20-тина проекти на автори од Западен Балкан.
„Оваа година решивме главна тема на фестивалот да биде копродукција, пред се, затоа што сфативме дека изминативе 9 години без градење на соработки и без менување на идеи и чувства, немаше да се случи ништо, па ни овој фестивал. Тоа гради попозитивна и работна атмосфера помеѓу филмските професионалци, фестивалските организатори и публиката, а гради и подобри културни врски со регионот, Европа и секако, стабилни комуникациски мостови од сите страни на светот кои ние веруваме дека се многу важни“, рече Велјановска на денешната прес-конференција.
Работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар, исто така, ќе биде фокусирана на филмската копродукција, а заедно со учесниците ќе се трага по идеи кои би биле прикажани на потенцијалните копродукциски партнери. Работилницата ќе се одржи од 22 до 24 август во Даут Пашин Амам.
Покра ова, мастер-клас со наслов „Не следете ги моите правила. Направете си свои“ на 24 август во Даут Пашин Амам ќе одржи и еден од најзначајните европски и светски документаристи – Виктор Косаковски. Тој ќе зборува за своите принципи при создавањето на филмските дела не само како режисер, туку и како сценарист, снимател и монтажер. Како блескав пример на неговата работа ден претходно во кино „Милениум“ ќе биде прикажан документарецот „Акварела“ (2018), чиј стожерен лик е семоќниот сопатник на Земјата – водата.
Премиерно ќе бидат прикажани и четири нови кратки документарци од школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“ во рамките на Младинската програма. Ќе се одржи светската премиера и на „Спасение“ во режија на Никола Ивановски во рамките на Студентската програма. Во програмата на кратки документарци своја премиера ќе има „Господата од Современа“ на режисерката Ана Алексовска. По неодамнешната премиера, фестивалската публика ќе има можност да ја проследи и проекцијата на „По патот на клавето“ во режија на Лидија Мојсовска, филм кој произлезе од соработката на „МакеДокс“ со танчерите од Далас Блек Денс Театар.
Годинава фестивалскиот јубилеј значи четврти роденден на Студентската програма, а за прв пат ќе биде доделена парична награда од 2000 евра за најдобриот студентски филм. Детската програма на „МакеДокс“ годинава се реализира во соработка со најзначајниот фестивал на документарни и анимирани филмови во Германија – Док Лајпциг. „МакеДокс“ оствари соработки и со фестивали на документарни филмови во Франција, Исланд и Грузија.
„Млади автори се повеќе и повеќе го одбираат овој жанр, бидејќи е слободен жанр и навистина може да се раскажат многу работи“, забележа Петра Селишкар. Ги истакна документарците „Која е Ева?“, „Боговите на Моленбек“ и „Додека мајка ми исчезнуваше“.
Но, се зголемува и продукцијата на кратки документарни филмови, истакна Дарко Набаков.
„Сметаме дека одбравме 18 исклучителни разлини филмови кои во кратка форма ќе ни ја доловат приказната која сакаат да ја раскажат“, рече тој.
„Некако секоја година селекцијата што ја добиваме зборува за тоа како се чувствуваат младите во Европа и во светот. За првпат, што беше чудно за мене, е тоа што оваа година очигледно видовме дека Европа е во голема депресија или криза, бидејќи најголем број од филмовите што ги добивме од младите зборуваат за нивната борба со депресијата и за проблемите што ги имаат“, додаде тој.
За време на фестивалот ќе бидат отворени две фотоизложби: „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“ во Чифте амам и „МакеДокс временска машина“ во Куршумли-ан. Како дел од музичката програма на 26 август концерт ќе одржи Тони Китановски Трио. Ќе се одржи и средба на дел од наставниците кои користат документарни филмови во наставата со цел од прва рака да се добијат информации за темите и содржините кои „МакеДокс“ би ги вклучил во новиот сет филмови и прирачник за средните училишта.
Покрај Куршумли ан, проекции на филмови ќе има и во „Кино Милениум“ и „Фросина“.
Билетите можат да се набават онлајн на „Купи карти за сѐ“ и на влезот на Куршумли-ан. Публиката има можност однапред да набави Фестивалски билет, кој ги опфаќа сите филмски проекции и настани на фестивалот, по цена од 1.600 денари.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.