Десетдневна блокада на депонијата Русино најавуваат гостиварските активисти

Десетдневна блокада, која ќе започне од 2 август напладне и ќе трае до 12 август на патот пред Микро гранулат Гостивар кон Русино, најавија од граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“.

Целта на блокада, како што најавуваат, е затворање и дислоцирање на ѓубриштето, за кое велат дека гори веќе два месеци, а на кое се носи ѓубрето од девет општини.

„Ѓубриштето Русино го загадува воздухот, почвата и водата во Гостивар и околината и со тоа е нарушено нашето здравје и нашето основно уставно право на чиста и здрава животна средина“, велат од иницијативата.

Учесниците на протестот, најавија блокада со автомобили и трактори. Велат дека нема да дозволат само камионите со смет да се упатуваат кон ѓубриштето Русино, додека за сите други возила движењето ќе е дозволено.

Како што појаснува активист од граѓанската иницијатива за Радио МОФ, отпад на депонијата ќе биде дозволено да носи само Општина Гостивар, во периодот со конечно затворање на депонијата. Но, и за ова имаат неколку барања.

Прво, бараат да се изгаснат и санираат сите пожари во и околу Русино во најкус можен рок, да се постават камери и депонијата да се контролира 24 часа за да се идентификуваат и спречат подметнувачите на тие пожари.

Потоа, бараат да се поднесе итно барање од страна на Општина Гостивар до надлежните за санација и затворање на дивото ѓубриште, но и да се поднесе итно барање од општината до Министерството за животна средина за одредување нова локација за Регионална депонија и нејзина изградба согласно ЕУ стандардите.

Градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари, на јавната дебата по ова прашање, пред три дена потенцираше дека на депонијата Русино ќе се носи само отпадот од Гостивар, односно, дека ниедна друга општина нема да смее да носи веќе таму отпад. Исто така, тој посочи дека таму ќе бидат поставени камери и дека обезбедувањето ќе функционира, а потенцираше дека доколку биде забележан камион кој носи отпад од друга општина, граѓаните да побараат негова оставка.

Најавата за ваквата акција беше најавена и на крајот од двочасовната дебата, а градоначалникот посочи дека блокада може за останатите општини, освен за општината Гостивар, се додека не се најде некое друго решение, додавајќи дека нема каде да се фрла ѓубрето.

Преку неговата Фејсбук страница Таравари вчера соопшти и дека Армијата ќе биде на готовност да помогне со машинерија и човечки ресурси на Општина Гостивар доколку продолжи да гори депонијата.

Градоначалникот Таравари тврди дека во Русино ќе се носи само отпадот од Гостивар, активистите најавија блокада

M.K.