Неколку десетици илјади луѓе се собраа вчера во главниот град на Германија да изразат солидарност со демонстрантите во Иран, движење кое започна по смртта на жена во притвор на „полицијата за моралност“ кое сега се спротивставува на власта на Исламската Република.
Полицијата во Берлин информираше дека според нивните проценки на протестот имало околу 80.000 луѓе.
Учесниците во собирот носеа знамиња на Иран и транспаренти со критика за иранските власти. На многу од транспарентите беше напишано „Жени, Живот, Слобода“ на англиски и германски јазик.
Еден од говорниците на демонстрациите побара од меѓународната заедница да ги протера амбасадорите од Техеран и да не преговараат со врховниот лидер Али Хаменеи, додавајќи дека „власта на Исламската Република на го претставува Иран“.
„Сите ние имаме сон. Во овој сон затворениците не се заврзуваат и погубуваат во три минути. Во овој сон, насилниците не ставаат ремени околу вратовите на писателите и поетите“, рече говорникот, пренесе Еуроњуз.
Демонстрациите беа организирани од Колективот „Жени-Живот-Слобода“ и започнаа пред Столбот на победата, по што граѓаните маршираа низ центарот на Берлин.
Дел од граѓаните рекоа дека дошле од други градови низ Германија, но и од други европски држави за да ја покажат нивната солидарност.
„Беше многу важно да бидеме тука, да бидеме глас на луѓето од Иран кои се убиваат на улиците. Тоа што се случува во Иран повеќе не се протести, туку револуција. И луѓето од светот мораат да го видат тоа“, вели Шакиб Лоло, Иранец кој живее во Холандија.
Вчера во Техеран се одржаа нови анти-владини протести во неколку универзитети.
Незадоволството во Иран изби во септември по смртта на 22-годишната Махша Амини, девојка која почина додека се наоѓала во притвор откако била уапсена од „полицијата за моралност“ поради кршење на правилата за носење хиџаб.
Полициските службеници наводно ја тепале Амини со пендреци и ѝ ја удирале главата од полициско возило. Иранските власти отфрлаат било какви злоупотреби при апсењето на Амини и официјалната верзија е дека таа починала од „ненадеен срцев удар“.
По погребот на Амини низ земјата се раширија масовни демонстрации кои станаа најголема демонстрација на незадоволство во Иран во последниве неколку години.
Според невладините организации, досега на протестите се убиени преку 200 луѓе.