Десетици луѓе загинаа во израелски напад на училиште во Газа

Агенцијата за цивилна одбрана во Газа предводена од Хамас соопшти дека во израелски воздушен напад врз училишна зграда во која биле засолнети Палестинци се убиени десетици луѓе, пишува „Би-Би-Си“.

Потпаролот на израелските одбранбени сили изјави дека училиштето „Ал-Табаен“ служело како „активен  воен комплекс на Хамас и Исламски Џихад“ со приближно 20 „милитанти“ кои дејствувале оттаму.

Агенцијата за цивилна одбрана соопшти дека се убиени најмалку 90 луѓе и десетици се повредени. „Би-Би-Си“ сѐ уште не може самостојно да ги одреди бројките.

Во изминатите неколку недели Израел нападна неколку засолништа во Газа.

Според медиумското соопштение на Хамас, цитирано од „Ројтерс“, денешниот напад се случил додека луѓето во засолништето извршувале молитва.

Потпаролот на Министерството за одбрана управувано од Хамас, Махмуд Басал изјави дека три израелски ракети го погодиле училиштето при што загинале меѓу 90 и 100 луѓе. Тој сцената ја опиша како „ужасен масакр“ додавајќи дека екипите се обидуваат да го контролираат пожарот со цел да ги спасат ранетите и да ги извлечат телата на починатите. Министерството за здравство предводено од Хамас сѐ уште не ја потврди точната бројка на жртви од нападот.

Израелската војска изјави дека „прецизно ги погодила терористите на Хамас во контролниот центар сместен во училиштето“.

Изјавата на потпаролот на израелската војска гласи дека „според податоците на израелското разузнавање, околу 20 милитанти на Хамас и Исламски џихад, вклучително и високи команданти оперирале од комплексот погоден во училиштето, користејќи го за да ги извршуваат нивните терористички напади“.

Потпаролот додаде дека бројките за жртвите објавени од официјалните претставници на Хамас „не се совпаѓаат со информациите што ги поседува израелската разузнавачка служба, како и прецизната муниција што се користела и прецизноста на нападот“.

Таргетирањето училишта стана редовна пракса на израелската војска во последните недели, веројатно како дел од, како што велат, тековниот напор за уништување на воената инфраструктура на Хамас.