Во Кинотека се одржа втората сесија од втората сезона на проектот „Филмска училница“ каде се вклучени десетина средношколци кои низ различни едукативни содржини и интерактивно учење во период од десет недели се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство.
Учесниците под менторство на режисерката Марија Џиџева имаа можност да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела и да ги запознаат основите на филмската историја и на филмскиот јазик. Низ сесиите тие креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат.
Во рамки на „Филмската училница“ годинава беше инициран и нов проект „Филмска училница за наставници и професори“. Првиот дел од втората сесија им беше посветен на дваесеттина учесници, наставници од основните училишта во Скопје. Овој проект го водеше проф. д-р Розалина Попова Коскарова, професорка од Педагошки факултет и авторка на научниот труд „Застапеноста и значењето на филмот во образованието“.
Професорката Попова Коскаров потсети дека филмот како медиум е застапен во наставните програми уште од шеесеттите години на минатиот век. Таа говореше за користењето на филмовите и филмските материјали како наставно средство во изучувањето на литературата и историјата, меѓу останатите предмети, охрабрувајќи ги наставниците да ги користат екранизираните форми на литературните дела и историските настани во едукативните процеси.
Вториот дел од оваа сесија на „Филмска училница“ продолжи со прикажувањето и анализирањето на домашните задачи на учесниците од минатата сесија: тие снимаа видео материјал во еден кадар, со мобилен телефон, и во него опсервираат некој предмет или дејствие кои им го привлекле вниманието.
Учесниците потоа гледаа и анализираа три македонски краткометражни документарни филмови од шеесеттите години на минатиот век.
Во реализацијата учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски…
Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура.