И изминатава година, водителите и новинарите на Радио МОФ подготвуваа емисии за млади, активизам, култура, теми кои вообичаено се оставени на маргините. Од музички и програмски емисии, до подкасти и дебати, во 2017 година произлегоа одлични емисии, кои може да се најдат на нашите канали Radio MOF i Radio MOF Music.
Во листата подолу, издвојуваме некои од подобрите, без особен редослед:
Од емисијата „Јас сум Цако“, ја издвојуваме епизодата во која гостуваат Марга Велеска, која боледува од церебрална парализа, Ема Ананиевска, која има оштетен вид, дефектолог и волонтер од Волонтерски центар Скопје. Гостите во студиото со Александар Матовски – Цако разговараат за предизвиците со кои се справуваат во секојдневниот живот, нивните успеси и планови.
Епизода 13 од втората сезона на „Герила Радио“, во која Бранислав Николов и Гоце Јованоски од „Фолтин“ гостуваат во емисијата на Илија Ангеловски – Гиле.
Емисијата „Мегафон“, во првата епизода за 2017 година разработуваше еден стар проблем кој се уште постои – екстремното загадување. Како може да се намали загадувањето, како потикна креативност, како да се заштитиме и кого да тужиме? Овие теми ги разработуваше емисијата, изработена од тимот на Радио МОФ.
Во емисијата Acoustic Stream , едно од изданијата беше епитом за „женска сила“ – бендот The Chicks во живо со акустичен настап го разубави етерот на Радио МОФ, во емисијата на Викторија Мирческа.
Во првата епизода од Квир Клуб, гостински подкаст на Стефан Петровски, го слушаме Алекс Ристовск, ЛГБТК активист од Скопје. Во емисијата, тој зборува за неговиот живот како транс маж во Македонија и кога и како сфатил дека е поразличен од останатите.
Во Хип Хоп Манија, водителот Дино Шкрињариќ во студио го донесе диџеј Гоце САФ. Освен интервјуто, во оваа епизода може да уживате во музиката на Jeru The Damaja, De La Soul, Conquering Lion, Phife, Koolade и други.
Во подкастот „Skills that pay the bills“, со Петар Антевски и Петар Лазаров зборувавме за менаџирање и организација на настан, Анастасија Петревска се наврати на предизвиците и организацискиот процес за протестите и Автономната зона на Студентскиот пленум, додека Огнена Ристовска од агенцијата „Моментум“, објасни како тече организација на настани од јавен и комерцијален карактер.
Во 100-тото, јубилејно издание на „Регенерација“, Регесаурус Гето Руди пушта музика од Vybz Kartel & Ky-mani Marley, Dubmatix, Interrupt & Tenor Youthman и Dean Fraser.
Марјан Болтевски во емисијата „Поларис“ зборува за хитот на Нетфликс и нај „binge-watched“ серијата досега – Stranger Things.
За крај, ја издвојуваме последната епизода од Skopje Urban Beats, во која колективот со сет во живо, на Радио МОФ и на Фејсбук ги забавуваше своите слушатели.