Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски предложи Бирото за развој на образованието (БРО) да се пресели во сегашните простории на ТИРЗ, за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) да ги користи бараките во кои сега е сместено Бирото.
Според него студентите имаат поголема предност од административците и затоа е потребно да се најде конкретно решение за проблемот.
„Со овој денешен настан изразуваме поддршка за протестот на ФИНКИ со цел да се обезбедат нивните услови. Дирекцијата на ТИРЗ го понуди постојниот простор во строгиот центар на градот за сите државни институции, пред се за Бирото за развој во образованието, да ги користат без ограничување. За возврат, Бирото треба да излезе во пресрет на барањата на ФИНКИ и да ги отстапи бараките што ги користи за потребите на студентите. Сите млади мора да сфатат дека оваа држава може да им даде поддршка и тука да се чувствуваат дома, а не дома на некое друго место“, изјави Деспотовски на денешниот настан – серијата панели од проектот на „Иднината почнува дома“.
Инаку, студентите и раководството на ФИНКИ денеска одржаа втор протест каде јавно побараа решавање на нивниот проблем. Преку протестен маратон „Немаме зграда, трчаме до Влада“ им порачаа на надлежните побрзо да реагираат за образовниот процес непрекинато да тече.
Првиот протест беше пред околу десетина дена на булеварот пред Владата при што студентите улицата је претворија во амфитеатар и таму „држеа настава“.
[Фото + Видео] Втор протест на студентите од ФИНКИ – „Немаме зграда трчаме до Влада“
Симона Паскоска