Детска парализа откриена во Газа, СЗО апелира на акција

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека детска парализа е откриена во Газа и предупреди дека децата во уништената од војна енклава наскоро ќе бидат загрозени од оваа болест доколку не се преземат превентивни мерки, известува Ројтерс.

Еден ден откако СЗО соопшти дека има „многу веројатни“ случаи на детска парализа кај населението во Газа, Гебрејесус се огласи на платформата на социјалните мрежи X за да ја истакне загриженоста за човечките „трошоци“ од конфликтот меѓу Израел и Хамас.

„Откривањето на детска парализа во Газа е уште еден потсетник за ужасните услови со кои се соочува населението“, напиша директорот.

Полиовирус, познат како детска парализа, е откриен во примероците од отпадните води во Газа.

Гебрејусус напиша дека иако сè уште не се регистрирани случаи на детска парализа, „доколку не се преземе итна акција, само прашање на време е кога болеста ќе стигне до илјадниците незаштитени деца“ таму.

Овој вирус е високо инфективен и се шири главно преку фекалии. Тој го напаѓа нервниот систем и може да предизвика парализа и смрт кај малите деца.

Случаите на детска парализа се намалени за 99% во светот од 1988 година, благодарение на масовните кампањи за вакцинација и напорите за негово искоренување.

„СЗО испраќа повеќе од еден милион вакцини против детска парализа во Газа кои треба да се администрираат во наредните недели за да се спречат децата да се заразат со оваа болест“, информираше генералниот директор.