Дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност, се дел од темите на кои домашни и странски активисти ќе споделат свое знаење и искуства на деветтото издание на ENGAGE – Kонференција за социјален активизам.
Организатори на конференцијата се Младинскиот образовен форум и Радио МОФ. Настанот и годинава ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуалци, групи и организации чија цел е да го подобрат општетството во кое живееме.
Вкупно 15 говорници на две сцени ќе ги раскажат своите приказни на 22 февруари (сабота) во 12 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Преку нивните искуства ќе се обидат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн, така и во физичкиот простор.
На главната сцена, во кино Фросина ќе зборуваат: Алина Афлекаилор, активистка од „Гринпис“ и едукаторка за човекови права. Таа ќе зборува на тема „Зајакнување на следната генерација на еко-активисти“.
Свој говор ќе има и Сара Мардини, активистка за човекови права од Сирија, која активно има работено со мигрантите на островот Лезбос. Новинарката Катарзина Пруцкиевич од Полска, пак, ќе го сподели своето искуство за тоа како е да се инфилтрираш во „фарма за тролови“.
Активистот и хакер Михал Вожњак ќе се осврне на „Технологијата и иднината на демократијата“.
Од домашните гости, свои говори ќе имаат Антонио Михајлов кој ќе зборува за првиот прајд во Скопје. Горан Кунгуловски, доктор и био-инженер ќе ја начне темата за тоа до каде сме со CRISPR технологијата и во кој правец се движиме.
Архитектот Бесиан Мехмети ќе зборува за „Училишта од иднината: Нови можности за подобро образование“, додека биологот и еколог Кирил Пржо Арсовски ќе се осврне на шумските пожари и климатските промени.
На ENGAGE Youth, втората сцена од конференцијата која ќе се одржува во горно фоаје на МКЦ, свое искуство ќе споделат од тимот „Андромета“ кои ја креираа апликацијата „Speak Out“ за млади што се соочуваат со врсничко насилство.
Средношколецот Сашо Јандрески, кој измисли уникатен медицински шприц ќе зборува за тоа како од волонтирање во болница се создава револуционерна медицинска иновација.
Активистката Рита Бехадини, пак, ќе го претстави своето искуство на темата „Како една девојка може да израдува 145 ученици?“
Листата на говорници сѐ уште не е затворена. Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е отворена, а можност за учество ќе имаат првите 300 пријавени учесници за конференцијата.
Сите информации за ENGAGE се достапни на веб-страницата на конференцијата engage.mk.
Во изминатите девет години ENGAGE стана еден од најголемите собири за поединци и заедници во нашата земја и тоа е единствениот настан за активизам кој е организиран континуирано секоја година. Настанот нуди место за дискусија, иновација, креативност, зајакнување и развој во нашето општество и отвора дебата за статусот на слободата, правдата и еднаквоста, човековите права, младинските прашања и развојот на модерната демократија.
Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.