На 22 и 23 септември во Кинотека на Македонија со почеток од 19 часот ќе се одржи деветтото издание на фестивалот за етнографски филм „ЕТНОФФ“. Фестивалот кој започна со студентски ентузијазам, веќе девет години ни носи различни приказни од целиот свет, велат организаторите.
На овогодинешното издание, тие најавуваат дека ќе можат да се проследат 10 филмови од Португалија, Белгија, Унгарија, Бугарија, САД, Словенија и Македонија. Програмата ќе биде надополнета и со изложбите на Центарот за Интердисциплинарни Активности 2023: „Извор“ – изложба на аналогна црно бела фотографија на Сара Луческа, „Фрекфенции“ – изложба во техника марбл инк, акварел и акрил на Марина Рмуш и „Време“ – колекција на фотографии на Ангела Здравковска.
Во сабота пак, исто така во 19 часот, ќе се одржи предавање на македонско-австралиска фотографка Билјана Јуруковски Миленковска чии дела се објавувани во Национална географија и други престижни списанија, а ја регистрираат културата и секојдневниот живот на помалку познати заедници од светот, како народот Сури од Африка.
Влезот на фестивалот е бесплатен.