Деветто издание на Меѓународниот театарски фестивал Скупи

Меѓународниот театарски фестивал Скупи ќе се одржува во текот на шест дена (27.10 – 01.11) во кои на сцената на Младинскиот Културен Центар во Скопје ќе бидат одиграни осум европски претстави.

Мото на овогодинешното издание на фестивалот е „Better view“.

„Не во смисол дека ќе ѝ понудиме на публиката розови очила за да го гледаат светот подобар отколку што навистина е, туку затоа што сметаме дека театарот им дава на луѓето подобар поглед за тоа како тие навистина се чувствуваат“, изјави Сенко Велинов, селектор на програмата на фестивалот.

Отворањето на фестивалот е закажано за вторник со претставата „Shopping & Fucking“ на Марк Равенхил, како копродукција помеѓу Националниот Театар на Приштина и Урбан Театар од Приштина, Косово. Фестивалот ќе биде затворен со „Куќата на гневот“, чиј текст е базиран на стихови на Федерико Гарсија Лорка, како и поеми на Рафаел Алберти, Мигел Ернандес и Диана Добрева, а во продукција на бугарскиот театар Взраждане. Режисерка на претставата е истакнатата Диана Добрева.

Целата програма на фестивалот можете да ја најдете на МТФ Скупи Фестивал.