Деветтото издание на Фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“ ќе се одржи од 10 до 16 јуни на повеќе локации во Скопје. Годинава Фестивалот отвора дискусија и го преиспитува концептот на ‘јавно’, во контекст на светска пандемија, но и локално.
Организаторите посочуваат дека во време на екстремно видлива родова, класна и расна поделеност, просторот помеѓу нас освен што стана визуелен симбол на пандемијата, дотолку појасно ја откри и тензичната сопоставеност на јавните и приватните добра.
„Овогодинешната програма на Прво па женско #9 ја проблематизира и ѝ доделува централност на идејата за пристапност до она што се смета за јавно и за она што се гледа како приватно; го анализира јавниот дискурс во однос на она што се перцепира како јавно и расположливо средство за користење; ги разгледува јавните простори како оски за потенцијални алтернативни здружувања. Во прашање се доведува и безбедноста на сите жени и небинарни родови малцинства, еднакво под закана во и вон системите кои би требало да би требало да пружат заштита и грижа. Програмата ќе се обиде да отвори и дискусии и погледи кон нови алтернативни начини на заедничарење и колективни пракси кои свесно ќе оставаат простор за пробивање на потребите на заедницата, а ќе ги истиснуваат и ќе се борат против исклучувачките и насилничките политики на привилегираните“, објаснуваат организаторите.
На Фестивалот најавени се дискусии, театарски претстави, книжевни и музички промоции, работилници и многу други настани. Оваа година, во рамките на младинската програма, се одржуваат и делови од програмата кои се отворени само за одбраните учеснички кои се пријавиле.
Годинешната програма на „Прво па женско“ е реализирана како дел од Women on Women (WoW) проектот. Проектот е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Тиииит! Инк. го спроведува заедно со Mesto Žensk од Љубљана, К-Zona од Загреб и Outlandish Theatre Platform од Даблин.
„Прво па женско“ е Фестивал за феминистичка култура и акција, чиј фокус е оградување и обезбедување на простор и платформа за сите оние кои активно се занимаваат со преиспитување и напуштање на доминантната и обременувачка патријархална култура. Фестивалот нуди алтернативни мрежи и погледи кон идни начини на здружување на сите оние кои системски истуркани, а експлоатирани.
Целосната програма на Фестивалот може да ја погледнете ОВДЕ.