Со изложбата на писателката Дубравка Угрешиќ, „Црвеното училиште“ која ќе се отвори во петок (26 април) во 19:30 часот во КСП Центар „Јадро“, ќе започне деветтото издание на фестивалот за критичка култура „Крик“, во организација на Контрапункт.
„Крик 09“ годинава се одржува во тематската рамка „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“. Изложбата е составена од објекти, цртежи и книги и на нејзиното отворање ќе говорат Маја Бојаџиевска и Петар Милат.
„На почетокот на војната во Југославија, во рацете на Дубравка Угрешиќ случајно се нашол еден учебник, кој според годината на издавање лесно би можел да биде и нејзин. Пред писателката одненадеж искрснале два света – дамнешен, заборавен свет на учебникот – книгата за почетници, кој ветувал среќна иднина, и другиот, стварниот, кој таа иднина брутално ја оспорувал. Таа епизода ја поттикнала Угрешиќ на собирање на учебници, а резултира со низа дела и текстови кои се претставени на оваа изложба“, велат организаторите.
Оттаму, покануваат и на ексклузивно водење низ изложбата во сабота (27 април) во 18:30 со Милат од Мултимедијалниот институт од Загреб, со чија поддршка се реализира изложбата.
„Јас никако не сум ‘уметница’, и сѐ што е на изложбата е рециклажа, постапка на очудување или зачудност, кои настојувам да ги постигнам со мали интервенции. Што се однесува до интервенциите, и во нив користам училишни техники: повторување на мотивите, прецртување, истакнување и задскривање и слично. Кога велам дека сѐ е рециклажа, тоа пред сѐ се однесува наматеријалот со кој се служам. Нема ниту една моја реченица, ниту еден мој цртеж (бидејќи не сум уметница). Тоа, од денешна перспектива е археолошки материјал, а со тој вид археологија малку кој се бави“, изјавила Угрешиќ во минатото за својата изложба.
Изложбата се реализира во рамките на проектот „Периферни погледи“ кој е соработнички проект на Европскиот институт за прогресивни културни политики од Виена, Крик од Скопје, Куда од Нови Сад, Културтрегер од Загреб, Маска од
Љубљана и Мултимедијалниот институт од Загреб.
Овогодинешното издание на фестивалот Крик е поддржано од „AICS Tirana“ во рамките на „Култура и креативност за Западен Балкан“, проект финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.
Изложбата ќе се затвори на 9 мај кога е предвидена промоција проследена со разговор на сет од четири книги на писателката. Настанот ќе започне во 19:30 часот.
Писателката Дубравка Угрешиќ почина лани на 17 март.
Таа е писателка, преведувачка, есеистка, научничка, филмска и телевизиска сценаристка. Дипломирала општа и компаративна книжевност и руска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Работела повеќе од дваесет години на Институтот за теорија на книжевноста. Угрешиќ во 1993 ја напушта Хрватска поради политички причини и се преселува во Амстердам. Држела предавања на многу универзитети. Соработувала со неколку американски и европски литературни списанија. Добитничка е на многу реномирани книжевни награди, а за романот „Форсирање на романот река“ (1988) ја добила книжевната награда НИН.
Таа е авторка на делата „Лисица“, „Баба Јага снесе јајце“, „Министерството на болката“, „Штефица Цвек во вилиците на животот“, „Поза за проза“, „Култура на лагата“, „Министерсто на болката“, „Форсирање на романот река“…
Во 80-тите години, Угрешиќ беше носителка на феминистичкиот бран на просторите на поранешна Југославија, а нејзината хероина Штефица Цвек од книгата „Штефица Цвек во вилиците на животот“ стана своевидна културна икона. Поради цврстиот антивоен и антинационалистички став кој го зазема во 1991 година, на почетокот на војната во поранешна Југославија, авторката беше „осудена“ од хрватските медиуми и јавни личности. Агресивниот линч врз нејзиниот лик и дело ја принудуваат да ја напушти сопствената татковина и да замине за Амстердам. Нејзиниот удел во модерната европска литература е огромен и важи за една од најдобрите, но и најпремолчуваните хрватски писателки.