Девојчето научено да се смее на бомби ја напушти Сирија

Тригодишното девојче Салва чиј татко преку смеа пробуваше да ѝ го оттргне стравот од бомбите, стигна на безбедно, во Турција, пренесува „Би-Би-Си на српски јазик“.

Салва неодамна се најде во центарот на медиумското внимание поради снимката на која гласно се смее секогаш кога ќе падне бомба во близина на нејзината куќа во Идлиб, Сирија.

Турската влада ѝ помогнала неа и на нејзините родители да ја преминат границата една недела подоцна.

Речиси еден милион луѓе пристигнале на сириско-турската граница од декември минатата година, бегајќи од борбата меѓу бунтовниците поддржани од Турција и сириските владини сили во регионот. Салва и нејзиниот татко Абдулах Мухамед најдоа уникатен начин за справување со воздушните напади.

Тој ја научил дека наместо да се плаши, може да се смее на звукот на бомбите. На ќерќа си и пуштал снимки од огномет како би и покажал дека гласните звуци можат да бидат смешни, а вели дека ваквата игра и помогнала на неговата ќерка да остане мирна и среќна.

Снимката од нивната игра стана вирална, а турската влада одлучи да им помогне да побегнат од Сирија. Турската новинска агенција „Анадолија“ објави дека тие ја преминале границата на 25 февруари. Како што наведуваат оттаму, семејството било пренесено во бегалски камп на југот на Турција.

Репортерката на „Гардијан“ Бетан Мекернан вчера на Твитер објави фотографија од Салва и нејзиниот татко.

„За прв пат во нејзиниот живот, таа може да се смее на нормални работи“, твитна Мекернан.

Мухамед за турските медиуми изјави дека тој и неговата ќерка преку снимката сакале да испратат порака до меѓународната заедница.

Изјави дека е среќен што стигнале во Турција и дека Салва сега може да добие шанса да оди на училиште.

„Се надевам дека конфликтот во Сирија наскоро ќе заврши и ќе можам да се вратам“, изјави Мухамед за агенцијата „Анадолија“.

Минатата недела Турција ја отвори границата со Грција за бегалците и мигрантите, ваквата одлука властите ја донесоа по воените пораз во северозападна Сирија. Моментално во Турција има 3.7 милиони сириски бегалци.