Japan.net.mk во „Јавна соба“ на 9 февруари од 15 часот организира уникатно филмско и интерактивно искуство, наречено „Девојките се од месечината“.
Настанот, како што велат организаторите, започнува со дискусија со публиката во вид на family feud прашања.
„Теми за разговор: 1. Родови улоги во Јапонија и Македонија. 2.Сличности и разлики меѓу овие две култури преку разгледување на традиционални и современи прифатливи и неприфатливи однесувања за мажите и жените. 3.Нееднаквост во аниме индустријата“, најавуваат од Japan.net.mk.
Веднаш по дискусијата ќе имаа проекција на ремек-делото на студиото „Ghibli“ – „The Tale of Princess Kaguya“.
„(Се работи за) анимирана приказна базирана на древна јапонска легенда која ќе ве маѓепса со својата убавина и длабочина како и разбирање на тешката позиција на жената во феудалното општество“, велат организаторите.
Japan.net.mk напоменуваат дека настанот е отворен за сите љубопитни и љубители на филмот, историјата и културолошките перспективи.
„Ве очекуваме! Девојките можеби се од месечината, но нивните приказни допираат до сите нас“, стои во најавата.