Ракописи кои содржат дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик собиран со децении на терен се дигитализирани и сместени во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, пишува САКАМДАКАЖАМ.
Дигитализирани се 12 збирки, од кои излегле околу 4,5 милиони страни. Збирките се дигитализирани на микрофилмови, сместени во куфери, кои штитат од вода, прашина и од пожар, и кои ќе овозможат заштита без разлика на просторот каде се чуваат.
Дигитализацијата на збирките се извршила преку проектот за дигитализација на картотеките на Институтот, а документите веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари. Вработените и научниците нема да имаат потреба рачно да ги листаат картотеките, туку ќе ги симнуваат од компјутерски фолдери.
Документите во дигитална форма се изработени од Архивскиот дата центар „Инбокс“ (Inbox).
Станува збор за минатогодишен проект на Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој го изработи „Инбокс“. Проектот беше најавен од тогашната министерка за култура Ирена Стефоска.