Дигитализацијата на околу 5 милиони записи со стари македонски зборови, дијалекти и записи, се заокружи со настан во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Станува збор за записи со изворни македонски зборови и изрази на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои датираат од периодот на 14 и 15 век.
На настанот присуствуваа директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Грујоска Јованова, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и премиерот Димитар Ковачевски.
Од Владата посочуваат дека преку дигитализацијата, записите веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари, туку ќе се чуваат во дигитална форма, со што ќе се обезбеди нивно понатамошно зачувување како непроценливо национално богатство.
„Обезбеден беше вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој преку Фондот за иновации и технолошки развој се обезбедени 9 милиони денари, додека Министерството за култура на Република Северна Македонија учествува со финансиски средства во износ од 5 милиони денари“, додаваат од таму.
Спроведувањето на проектот траело од декември 2021 година до декември 2022 година, а го реализирал Архивскиот дата центар „Инбокс“, во соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, посочи дека е направен потфат со кои се спасува непроценливо богатство.
„Заштитени се обемни картотеки од различни области на македонскиот јазик, дигитализирани се 12 збирки, создадени се 425 микрофилмови, преку кои е зачуван целиот дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик. Со дигитализацијата се овозможи секој запис од картотеките на Институтот за македонски јазик да се најде во дигитална форма и да се создаде копија од оригиналот“, истакна министерката.
Дигитализирани дел од ракописите на Институтот за македонски јазик