Дигитална инклузија: Требаат решенија во дигиталниот свет за поголема независност и вклученост на лицата со попреченост

Во организација на Здружението „Икуалити“ се одржа дебатата на тема „Проектирање на дигитални алатки за лица од ранливи категории и лица со попречености“, која е дел од проектот „СИГНАЛ“ и има за цел да поттикне решенија во дигиталниот свет за поголема независност и активна вклученост на лица со различни попречености.

Дебатата, која се одржа во Домот на култура „Билјана Беличанец“, ги опфати предизвиците на лицата со попреченост во дигиталниот свет, вклучително значењето на технологијата како клуч за подобра достапност на дигиталните и интернет алатки во нудењето јавни сервиси за сите граѓани, како и можните решенија за подобрување на дигитална пристапност во Општина Кисела Вода и можности за репликабилно решение на подрачјето на Град Скопје и пошироко низ Македонија.

„Овој настан е значаен чекор во градењето на поприфатлива и инклузивна дигитална средина за сите граѓани, но пред се за подигање на свеста на службите на кои би сакале да им ја олесниме комуникацијата со лицата со попреченост“, изјави Гере Трипков, претседателот на Здружението „Икуалити“ и организатор на проектот.

На дебатата беше претставена алатката „AccessiScan“ за оценување на пристапноста на интернет страните. Стефан Кузмановски, експертот за пристапност на веб и дигитални алатки, ги прикажа нејзините функциите, која може да служи на задолжените лица за интернет страните на државните и локалните власти да го проверат нивното функционирање во поглед на пристапноста.

Кристијан Лазарев, како лице со оштетен вид и претставник на заедницата на лица со попречности во државни тела, ги сподели личните искуства и предизвиците со кои се соочуват овие сограѓани во дигиталниот свет, потенцирајќи ја итната потреба да бидат запазени стандардите за пристапност при креирање на интернет страни и дигитални алатки.

„Општина Кисела Вода, преку долгогодишната соработка со Здружението ‘Икуалити’, работи посветено и ги поддржува иницијативите за унапредување на пристапноста и инклузивните пракси во сите области. Потребата да работиме на пристапноста во дигиталниот свет е повеќе од потребна, со цел да овозможиме поголема вклученост на нашите сограѓани со попречености“, истакна советникот на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Сашо Јованоски.

Во рамки на проектот промовиран е и прашалник за прибирање на мислења и предлози од засегнатата заедница, а во врска со потребите за поголема дигитална пристапност на службите и нивните услуги и сервиси, достапен до 20 април на следниот линк: ПРАШАЛНИК ЗА ПРИСТАПНИ ДИГИТАЛНИ АЛАТКИ.

Присутните учесници, вклучувајќи и лица со попречености и нивни блиски, родители, старатели, асистенти, имаа можност да дадат свои предлози, со цел што подобро да се одговори на постоечките потреби на заедницата и да се посочи на креаторите на интернет страни и дигитални алатки стриктно да ги почитуваат стандардите за пристапност и недискриминација.

Меѓу нив се издвои идејата за развој на алатка која би го конвертирала неразбирливиот говор кај лицата со попреченост во јасен и разбирлив говор, со што би им се олеснила комуникацијата и интеграцијата. Дополнително, беа посочени насоки и решенија за трансформирање на говор во толкување на знаковен јазик од аватар или од толкувач во реално време.

Проектот „СИГНАЛ“ се реализира во соработка со Здружението Визија Плус и со поддшка на Општина Кисела Вода.