Младинскиот образовен форум (МОФ) и ИРЕКС го промовираа водичот за медиумска писменост за родители и старатели на деца од 5 до 10 години „Дигиталниот свет на генерација алфа” како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Авторки на водичот се професорките Тамара Ќупева, Ана Попризова и Ирена Христовска, а во него се опфатени совети за родителите и старателите на деца од 5 до 10 години како полесно да се снајдат во новото време на технолошка и дигитална експанзија.
На промоцијата беше истакнато дека станува збор за „стаклена“ генерација, „скринејџери“, дигитални домородци и номади во отворениот онлајн простор. Јутјубери, тиктокери и гејмери. Според професорката Христовска, забраната од родителите овие деца да користат интернет не е решение.
„Ние треба да бидеме во чекор со детето. Да го следиме, да ги прифатиме сите овие предизвици на новово, современо општество и дигиталното време. Ние, како родители и старатели, треба всушност да се едуцираме и да бидеме во чекор со детето за да ја стекнеме неговата доверба. Детето му верува на секој оној кој е во чекор со него. Кога ние ќе бидеме усогласени едни со други, тогаш ќе бидеме и партнери во ова дигитално созревање“, рече таа.
Професорката Ќупева напомена дека водичот е фокусиран на родителите за тоа како тие да бидат првиот модел при влезот на овие деца во дигиталниот свет и сите предизвици кои тој ги носи.
„Не постои стабилност, една емоционална мембрана помеѓу детето и светот, ако родителот ја заборави својата улога и ако не сфати дека во тој процес неговото влијание е многу големо. Во овој случај, родителот е клучната фигура, и таа генерација алфа е всушност најпредизвикувачка генерација бидејќи веднаш влегува во оној океан од информации, настани, искуства, предизвици… и најчесто останува сам. Оваа генерација алфа е родена во време кога зборуваме за ChatGPT, длабинско учење, вештачка интелигенција и таа генерација допрва ќе ги освојува тие простори“, порача таа.
Професорката Попризова, пак, ги потенцираше предизвиците во психолошко-развојниот аспект на генерацијата алфа.
„Она што е промена на оваа генерација алфа е тоа што, практично, идентитетот на личноста во себе содржи и еден аспект на таканаречен виртуелен идентитет. Децата ја немаат од почеток на животот јасната граница што е реално, што е виртуелно. Еден дел од тоа како тие се формираат, како ја градат својата слика за себе, е вклучително и тој, би рекла „виртуелен селф“ – што ги претставува нив во тој виртуелен свет. Овој феномен на оваа генерација ние се` уште не знаеме какви ефекти ќе има. И токму затоа е значајно родителите да бидат свесни и да работат на таа стратегија за одговорно родителство и да помогнат детето да стане дигитално писмено“, изјави таа.
Во водичите се вклучени теми како „Што значи да се биде медиумски писмен родител?“, „Како влијаат медиумите врз развојот на детето?“, „Последици од интернетзависноста и од зависноста од дигитален уред“ или пак „Ризици од однесувањето на децата на социјалните мрежи“.
Водичите се достапни на македонски и албански јазик.
Целосната дискусија може да ја погледнете на линкот во продолжение: