Сојузот на средношколци смета смета секој ученик има различен начин на учење, некој го претпочита стародомодното чувство на вртење на страници на учебници, додека друг сака да употребува дигитални уреди. Образовниот систем мора да ги почитува индивидуалните желби и преференци на секој ученик, па затоа Сојузот бара модел во кој дигиталните учебници ќе бидат можност, алтернатива, но не и постулат.
Претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи, денес на прес-конференција рече дека за дигитализацијата на учебниците, новина што ја најави Министерството за образование (МОН), учениците периодов се информираат од медиумите, наместо од училиштата.
„Министерството не е приватна компанија, или нечиј приватен дом, туку државна институција, каде одлуките треба да се носат во консултација со засегнатите“, вели Ходаи.
Сојузот не е против дигитализацијата, но, вели тој, дел од населениете е дигитално неписмено и дигитализацијата е тежок процес во земјава. При онлајн учењето било увидено дека многу од учениците немаат пристап до опрема, што го карактеризира како дискриминација против која се борат.
„Според наши информации, нема ниту една земја која целосно користи дигитални учебници во образовниот систем. Дигитализацијата е чекор во добар правец, но не смее дигиталното да биде единственото решение. Моделот мора да биде сензитивен за различностите. Понатаму, ако сакаме да имаме целосни дигитални учебници, тогаш училиштата мора да имаат соодветна структура, а учениците и наставниот кадар да стекнуваат релеватни дигитални вештини, т.н. дигитална писменост“, вели тој.
Како добар модел го споменуваат оној од Белгија, каде, вели Ходаи, ученикот или средношколецот има можност да одбере дали сака да учи преку печатени, или дигитални учебници.
Другиот модел е оној на Естонија, но, сепак, смета дека образовните власти во Естонија споделуваат таблети и ајпади на учениците.
„Тоа ние не можеме да го направиме. Имаме 40.000 ученици без пристап до интернет и електронски уреди. Од нив 8.000 се во средното образование. Ако воведуваме некаква политика и не овозможиме секој да има дигитален учебник како останатите, тогаш се прекршува член 3 од Законот за средно образование, кој вели дека средното образование е бесплатно. Затоа треба да се следи моделот од Белгија“, изјави Ходаи.
Во име на Сојузот, смета дека не може нешто да биде обврзувачко за граѓаните, без секој да има средства за негово исполнување. Апелираат доколку се воведува дигитални учебници, софтвер да биде поквалитетен и да не „падне“ првиот ден, што велат се случило со Националната платформа schools.mk.
„Исто така, печатењето на учебниците не смее да оди преку училиштата, бидејќи тие ги немаат соодветни ресурси. Некои дури немаат печатници. Печатењето мора да биде централизирано, а истото да го спроведува МОН. Печатените учебници треба да бидат вистински книги, со корици, а не скрипти. Од друга страна, пак, прикачувањето на учебниците во друга форма претставува добра алтернатива“, нагласи Ходаи.
Посочува дека Сојузот „не е туристичка агенција, ниту спортски клуб“, туку дека тој е Сојуз создаден од и за средношколците, па затоа властите мора да го слушаат, констултираат и почитуваат нивниот глас.
Смета дека ова не е прашање што се решава по Фејсбук, повикувајќи на заедничка соработка и со сите останати засегнати страни.
„Ние утре ќе имаме состанок со Работната група за концептот на дигитализација на учебниците и конструктивно ќе ги дискутираме нашите барања, за да излеземе во пресрет на родителите, наставниците, но и на учениците што ги претставуваме“, нагласи тој.
Инаку, од МОН денеска излегоа со ново соопштение за темата. Младите ја поддржуваат дигитализацијата образованието, велат тие, што според МОН е логично ако се земе предвид светот во кои живеат.
„Дигиталната ера на ИТ технологијата им овозможува со многу едноставно пребарување на интернет мрежата да дојдат до информациите за сите придобивки кои ги нуди дигитализацијата на материјалите за учење и до многу примери на земји во чии образовни системи ова решение успешно функционира и носи резултати кои се видливи најчесто преку постигнувањата на меѓународните тестирања“, соопштуваат од МОН.
Според ресорното министерство, очекувано е да постојат дилеми кај младите и нивните семејства за промените, кои МОН со останатите надлежни инстуции имале должност да ги појаснат и разрешат. Министерството оттука излезе и со посебно соопштение за „појаснување на клучните дилеми на дигиталните учебници“.
„МОН потсетува дека од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години. Ова решение не предвидува дигиталниот учебник да биде единствена опција за учениците. Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија“, велат од МОН.
Посочуваат дека новото законско решение предвидува за учениците од социјално загрозени семејства, оние што немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и оние кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија – училиштето да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. Според податоците од МОН станува збор за 4000 ученици кои не поседуваат електронски уред за употреба на дигиталните учебници.
„За оваа цел, во рамки на училиштата веќе се прават проценки и подготовки за обезбедување на одреден таканаречен ’библиотечен фонд’ на таблет уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои имаат потреба од ваков тип на поддршка согласно законот. Доколку пак, ученикот изрази потреба за користење на печатен учебник, истиот ќе му биде обезбеден од страна на училиштето. И во овој дел, предизвиците очекуваме да бидат сведени на минимум“, велат од МОН.
Дигитализацијата ја елиминира дискриминацијата, тврдат тие, затоа што учебниците ќе бидат достапни и во аудио формат, на сите наставни јазици, а за прв пат ќе се печатат и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.
Бојан Шашевски