Во Кинотеката на Македонија на 21 февруари (среда) од 12 часот ќе се одржи презентација и промоција на дигитализираниот филмски опус и ДВД – изданието на Бранко Гапо, еден од најплодните и најнаградувани македонски режисери.
„Во соработка со Кинотека на Македонија, матична институција за заштита на аудиовизуелното културно наследство, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, презентацијата на дигитално реставрираното творештво на филмскиот опус на Бранко Гапо, како културно наследство заштитено ex lege, ќе се одржи во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018“, соопштуваат од Кинотека.
Според нив, целта на овој настан е да се промовираат процесите на дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство на Република Македонија, како и претставување на улогата на Управата за заштита на културното наследство во заштитата на аудиовизуелното наследство.