Случаите на дигитално родово базирано насилство кај нас се секојдневие. Иако не секој умее да го препознае и пријави, сепак, од евиденцијата на невладините организации кои се бават со оваа проблематика, се гледа дека бројот на пријави расте. Во С. Македонија нема официјална статистика и не се води прецизна евиденција за вкупниот број на пријавени случаи, , пишува новинската агенција Мета. За тоа, што претставува дигитално родово базирано насилство, како истото да се препознае, но и каде истото да се пријави, зборуваме со Бети Пеева од невладината организација „ЕХО“ од Штип, како и со Калиа Димитрова од „Медуза“, феминистичката платформа.
За младите дигиталното насилство е нормализирано
Има пораст на случаите со дигитално родово базирано насилство, и тоа кај младите, но кај нив тоа е некако нормализирано и тие не го препознаваат како проблем, вели Бети Пеева од „ЕХО“. Во оваа организација, минатата година имало вкупно 211 пријавени случаи.
„Овој вид насилство може да биде со сексуална конотација, потоа, се случува и малтретирачот да ја следи жртвата заради одредени причини, кои најчесто се прикажуваат како љубов. Но жртвата треба овие нешта да ги препознае. Често се случува да има пораки со сексуална конотација и кога има онлајн комуникација, иако личностите не се познаваат“, вели Пеева.
Се пријавува, но тешко се докажува
Дигиталното родово базирано насилство, како што објаснува таа, се пријавува, но многу поретко се докажува бидејќи сè уште се необучени професионалците во полиција за детектирање на сторителите на вакво насилство.
„Има средини кај нас, во кои воопшто не допрела до жртвите информацијата дека тоа што им се случува е всушност, дигитално родово базирано насилство. Има средини во кои жените не знаат дека веќе имаме измени во Кривичниот законик, со кои се криминализираат овие дела. Исто така, имаме проблем и со фактот дека жртвите пријавуваат насилство, но кога ќе видат колку е сложена процедурата, тие се откажуваат“, додава Пеева.
Праксата покажала и дека како докази, се земаат предвид скриншоти и гласовни пораки, но тоа не е секогаш случај.
„Кај нас во нашата оганизација, работиме со мултисекторски тимови. Сите што се вклучени во заштита, имаме позитивни исходи и за демнењето (физичко) и за дигитално родово базираното насилство, односно онлајн насилството. Ни самата терминологија не е точно определена кај нас. За дигитално насилство, нема правила, иако вообичаено им се случува на помлади девојки, иако морам да кажам дека сепак жртви се и повозрасни жени“, објаснува Пеева.
Што треба да се направи?
Што е она што е потребно да се преземе во врска со овој проблем? Потребна е заедничка работа меѓу невладиниот сектор и институциите кои се одговорни за оваа тема.
„Треба да се дефинира законски дигиталното родово базирано насилство. Мора да се зајакнат капацитетите на институциите во нивната сензибилизација, потоа, потребно е да се едуцира јавноста заради превенијата, но и за да веднаш може да се откриваат ваквите случаи“, смета Пеева.
Таа е на став дека девојчињата и момчињата треба уште од најмала возраст да се едуцираат.
„Тие многу често не знаат дека тоа што го прават во нивната меѓусебна онлајн комуникација, не е шега. Потребен е посебен курикулум, односно цела нова наставна програма за да младите ја добиваат потребната едукација. Сите ние кои работиме во организации кои се бавиме со тема насилство, знаеме да одржуваме предавања. Ова е нешто што треба да влезе во училиштата“ завршува Пеева.
Онлајн насилството се случува масовно
Секој проблем со насилство е сериозен, па така е и со онлајн сексуалното вознемирување, вели Калиа Димитрова од „Медуза“.
„Тоа што е специфично за онлајн насилството е што има потенцијал, и се случува масовно, а до пред скоро беше речиси нерегулирано. Дебатата и работата во ова поле е несомнено потребна и нужна на сите нивоа, бидејќи оваа форма на родово базирано насилство е тука да остане и зазема нови и различни форми за кои никој не е подготвен: ниту институциите кои треба да нè заштитат, ниту девојките и жените кои се диспропорционално погодени. Практично, се бориме против форми на насилство кои сè уште ги немаме соодветно дефинирано. Се борбиме против форми на насилство за кои не постои општествен консензус дека претствуваат насилство. Особено кога станува збор за одмаздничка порнографија, стигмата и срамот се огромни, а последиците се страшни“, вели Димитрова.
Институциите ретко се проактивни
Проактивноста од институциите е ретка, речиси непостоечка, а институционална разрешница мора да има. Сепак, ни тоа нема во целост да го реши проблемот со не толку потајните патријархални ставови на масата и културата на насилство (rape culture) во која живееме.
„Колку и да е тешко да се „поттикнат“ институциите да постапуваат правилно, професионално и навремено во случаи на сексуално насилство и вознемирување, милион пати е потешко да се смени популарниот став дека жртвата некако сама си ја налепила бељата, бидејќи тој пристап кон жртвите е веќе дел од нашиот културен ген. Двојната виктимизација се случува од блиски социјални/семејни кругови, до ниво на институции и мора огромен фокус да се даде на одучување на овој феномен, бидејќи ваков тип на коментари претставуваат релативизирање на насилство и заземање на страна на сексуалните предатори и насилници. Јавноста секогаш има некаква идеја за што девојката требала или можела да направи за да не стане жртва, а многу ретко има идеи што може или треба да се направи со оној кој ја вознемирил, повредил или понижил. Истата таа јавност имаше огромен проблем со изјавата каде „заштити ја ќерка ти“ беше прецртано и наместо тоа испишано „едуцирај го син ти“, бидејќи на една мизогина заедница најлесно ѝ е да најде милион причини зашто девојките и жените се виновни што се жртви, а насилникот да не биде една од нив. Впрочем, сексуалното насилство е веројатно единственото кривично дело каде жртвата се обвинува за нешто што ѝ направил некој друг“, смета Димитрова.
Според неа, она што е важно е што моменталниот закон против родово базирано насилство е во линија со Истанбулската конвенција, и како таков, е родов сензитивен, и уважува нови форми на злоупотреба како онлајн сексуално вознемирување и демнење.
„Сепак, потребна е родова сенизбилизација на сите институции кои работат во ова поле, а не само добри закони на хартија. Тоа што загрижува е што институциите сè уште немаат развиено механизми за навремено постапување, односно, тие како да не сакаат да го прифатат едноставниот факт дека сајбернасилство е насилство, а двојната виктимизација е реалноста со која жртвите се соочуваат и во својата најблиска околина, и полициските станици, и во судовите, ако нивниот случај стигне дотаму“, завршува таа.
„Темната страна на дигитализацијата“
Во една од последните студии на UN Women , направена во октомври годинава, со наслов „Темната страна на дигитализацијата“, учествувале 12.000 жени од земјите од Источна Европа и Централна Азија. Истражувањето дава нови сознанија за насилството врз жените преку технологијата, а учеснички биле жените во 13 земји од регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Казахстан, Косово[1], Киргистан, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Таџикистан, Турција и Украина.
Повеќе од половина од жените (18+), а кои користат интернет, доживеале некои форми на онлајн насилство. Разликите меѓу земјите се големи, со највисока преваленца во Украина и најниска во Таџикистан. Од 13 земји, С. Македонија е рангирана на четвртото место, односно, 62,8 отсто од учесничките во студијата дека барем еднаш имале искуство со онлајн насилство.
Минатиот месец UN Women одбележа 16 дена на активизам со кампањата #Нема изговори за насилството врз жените. Беа објавени и статистички податоци, согласно кои на глобално ниво, се проценува дека 736 милиони жени биле изложени на физичко и/или сексуално насилство од интимен партнер, сексуално насилство од непартнер или и двете, барем еднаш во животот. Глобалното истражување на „Економист Интелиџенс Јунит“, пак, покажало дека 38 отсто од жените имале лични искуства од насилство на интернет, а 85 отсто од жените кои поминуваат време на интернет, биле сведоци на дигитално насилство врз други жени.
Сајбер насилството врз жените и девојчињата не е проблем на иднината, туку е проблем кој го живееме во денешницата. За справување со него потребен е сеопфатен пристап заснован на разбирање на неговата природа. Потребно е да се донесат усогласени правни и заштитни мерки. Само тогаш би можеле вистински да кажеме дека дигиталната генерација е генерација на еднаквост и јакнење.