„Дијалог преку уметност“ – изложба на професорите од ФЛУ Скопје и Националната ликовна академија Софија

Изложбата на професори од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје и Националната ликовна академија од Софија насловена „Дијалог преку уметност“ ќе се отвори на 23 јануари, четврток, со почеток во 18 часот во Галеријата „Академија“ во Софија.

„Со изложбата ‘Дијалог преку уметност’, претставена во декември во галеријата на ФЛУ во Скопје, беше поставен почетокот и најавена подготвеноста за развивање и унапредување на соработката меѓу двете образовани институции преку заеднички изложбени проекти“, информираат од ФЛУ.

Оттаму додаваат дека за време на одржаната тркалезна маса со раководството и наставниот кадар на ФЛУ при УКИМ биле разгледани тенденциите и проблемите поврзани со образованието во уметноста во Бугарија и Македонија.

„Беа дискутирани можности за соработка и претставување на уметноста на младите автори и професори од двете земји преку изложби, размена во рамките на програмата ‘Еразмус+’, работилници и други креативни иницијативи“, велат од ФЛУ.

Изложбата опфаќа околу 60 дела од 28 професори од Националната ликовна академија во Софија и ФЛУ при УКИМ. Како што информираат од ФЛУ, делата се изработени во различни медиуми и техники од областа на ликовните и пластичните уметности – сликарство, графика, уметност на книгата, илустрација, пластики од хартија, керамика, порцелан и стакло, текстил, фотографија, видеоарт.

Автори се Ана Спасова, Ангел Миов, Беди Ибрахим, Бојана Павлова, Васил Колев, Велимир Жерновски, Венцислав Шишков, Георги Јанков, Гергана Табакова, Гоце Наневски, Елизар Милев, Емануела Ковач, Здравка Василева, Зоран Мише, Игор Сековски, Капка Канева, Мања Вапцарова, Кирил Божков, Красен Троански, Кристина Борисова, Ладислав Цветковски, Љубомил Драганов, Марија Сотировска, Николина Енчева, Роберт Јанкуловски, Розина Макавеева, Светозар Бенчев и Славица Јанешлиева.

„Дијалог преку уметност“ ќе биде отворена до 1 февруари.