Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги отвора вратите за граѓаните, на едукативен ден по повод Глобалниот ден на изборите, кој секоја година се одбележува во првиот четврток во февруари.
Граѓаните ќе можат да ги посетат просториите на ДИК, каде ќе проследат едукативна презентација преку која ќе се информираат околу остварувањето на своето избирачко право со фокус на водењето на Избирачкиот список, а ќе можат да постават и прашања до вработените во Стручната служба на Комисијата.
Ова е прв пат од своето постоење ДИК да ги отвори своите врати за граѓаните, а интенцијата е ваквите денови да станат редовна пракса.
Едукативната тура ќе се одржи во три термини и тоа во 11:00, 13:00 и 15:00 часот во просториите на ДИК во поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“ на 4 -ти кат или, пак, да се информираат на околу остварувањето на своето избирачко право во некое од подрачните одделенија и канцеларии (http://www.sec.mk/16000-2/).
Сите заинтересирани за централните настани во седиштето на ДИК, треба да бидат десет минути пред одбраниот термин пред главниот влез на зградата на седиштето. Групата од главниот влез до салата на 4-ти кат ќе ја водат вработени со беџови на Стручната служба на ДИК.