Коалицијата „Можеме“, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе има најголем број на пратеници во новиот собраниски состав, додека вкупно шест различни партии и коалиции кои учествуваа на овие избори влегуваат во парламентот, соопшти Државната изборна комисија.
Според првичните резултати од предвремените парламентарни избори за 2020 година, Коалицијата „Можеме“ осовоиле 327.329 гласови, што распределено по изборни единици претставуваат 46 мандати.
На второто место се наоѓа ВМРО-ДПМНЕ со Коалицијата кои освоиле 315.344 гласови односно 44 мандати.
Третопласирана е Демократската унија за интеграција (ДУИ) со 104.587 гласови, односно 15 мандати, додека зад нив се наоѓа Алијанса за Албанците и Алтернатива со 81.297 гласови и 12 освоени пратенички места.
За прв пат во Собранието влегува и Левица, кои освоиле 37.551 гласови и 2 мандати, додека последна партија која влегува во парламентот е Демократската партија на Албанците (ДПА) со 13.891 освоени гласови и 1 пратенички мандат.
Како што соопшти претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, на овие избори вкупно гласале 942.344 граѓани, од кои 31.466 ливчиња биле неважечки.
Тој уште еднаш повтори дека изборите се одвивале во необични околности поради пандемијата, како и со проблеми во презентирање на резултатите преку електронскиот систем поради, како што рече, хакерски напад врз нивниот сајт. Дерковски посочи дека изборите се одвивале непречено и во името на ДИК им честита на граѓаните за изразениот демократски капацитет.
Од ДИК соопштија дека по усвојувањето на заклучокот за резултатите течат роковите во кои политичките партии можат да поднесат приговори на изборниот процес. Партиите можат да поднесат приговор за резултатите во следните 48 часа, по што ДИК има рок од 72 часа за да одлучи по нивните приговори.