„Знаеш ли дека можеш сѐ? Само верувај во себе“
Вака почнува новиот сингл „Знаеш ли?“, кој е дел од петтото EP „11.5: spero“ на Димиш (Dimish), предвидено да излезе на 14 јули.
Димиш е младич од Скопје кој со неговиот бенд има мисија да го врати класичниот панк-рок во игра. Иако релативно млада појава на скопската сцена, Димиш има едно чудо изданија на неговиот Бендкемп, а музиката варира од панк-рок па сѐ до инди поп.
Иван Димишков (Димиш) со својата банда изминативе години имаше свирки на разни концерти и фестивали, а дел е и од составот „Red 18“ што лани го извадија деби-албумот „Red18’s Grit“.
Исто така, дел е од „Гола Планина колектив“ која обедини повеќе млади бендови и изведувачи – нов музички бран што ја размрдаа и освежија домашната независна сцена. Воедно, создаваат заедница каде уметниците можат да учат еден од друг и да растат заедно.