Паркот во скопската населба Ново Лисиче ќе добие заедничка градина, прва од ваков тип во Скопје. Од септември локалците ќе имаат на располагање 3000 квадратни метри за да си посадат овошки, зеленчук, или билки. Иницијатор на проектот е граѓанската организација „Зелената арка“ во соработка со Град Скопје. Оттаму велат дека целта е да се создаде заедница на граѓани кои и не мора да имаат искуство од градинарството. Идејата е да си го вратат јавниот простор зафатен од паркинзи и градби.
Синоќа во Социјалниот центар „Дуња“ се одржа првата ткн. градинарска средба на која се појавија голем број граѓани кои сакаа да слушнат и прашаат за новата иницијатива. Секој од нив со своја желба и предлог, дојдоа да ги запознаат идните соседи на парцелите со кои ќе соработуваат во создавањето на првата урбана градина.
Димитар Самарџиев од „Зелената арка“ вели дека до нив пристигнал огромен број пријави за учество, а средбата им послужи да ги увидат идеите и капацитетите со кои располагаат заинтересираните.
„Целта е да се создаде еден вид на заедница на градинари кои здружено ќе градинарат и можноста е сега тоа да се направи на јавен простор, што е еден дополнителен квалитет на целта. Тоа е иницијатива за, на некој начин, повторно враќање или условно кажано, освојување на јавниот простор“, посочи тој.
Во заедничката градина ќе може да работат 30 луѓе, кои може да се менуваат во текот на сезоните, објасни Самарџиев. Секој од нив има опција да работи самостојно или во група, а на располагање ќе имаат парцели од 50-тина квадратни метри каде ќе може да одгледуваат разни градинарски култури за своја лична прехрана.
„За жал, јавниот простор сега го освојуваат градбите и паркинзите, но ова е обид делче од јавниот простор да се доближи непосредно до самите граѓани и тие да имаат можност да ја изразат својата волја и креативна моќ. Да си создадат место каде што ќе можат да одгледуваат храна и да се дружат, пред сè. Тука е многу битен тој општествен момент, каде луѓето ќе може заедно да прават нешто, тој момент на самоорганизација“, истакна Самарџиев.
Но, ова не е прв обид за „Зелената арка“ да направи нешто слично. Тие уште во 2008 година пробаа со „Еко парк“ во Општина Карпош покрај кејот Вардар, каде сега е сместена вештачка карпа за качување.
„Тогаш почнавме според принципите на пермакултурниот дизајн да правиме градина. Тоа за жал траеше само една сезона, од 2009 до 2010 година, кога одлучија да ја постават карпата и ние немавме избор да продолжиме“, вели Самарџиев.
Пермакултурата, појасни тој, е сеопфатен пристап кој не подразбира само земјоделство и производство на храна, туку и дизајнирање на системи по примерот на функционалните екосистеми во природата.
„Тоа подразбира и осмислување на енергијата, на домаќнството и осмислување на заедницата на крајот на краиштата, затоа што тоа се прави за луѓето, а се прави на таков начин да им овозможи и на другите живи битија освен луѓето да виреат покрај нас. Не е толку антропоцентричен пристап, се обидуваме да создадеме услови каде ќе се надополнуваат сите чинители во еден екосистем“, забележа Самарџиев.
Според него, идеално би било вакви иницијативи да се прошират и во други градови покрај Скопје.
„Баш нè радува што има добар интерес, па претпоставуваме дека ќе се создаде критична маса и самите ќе покренат ваква иницијатива и на други места“, се надева Самарџиев.
Работата во градината се очекува да започне во првата половина на септември откако ќе се направи и проверка на почвата.
Емилија Петреска
Фото: Кирил Шентевски