Димитра со нов албум „Работ на акција“ за „Шарла“

Три години по супер успешниот „Мак мрак LP“, Димитра се враќа со нов албум – „Работ на акција“, повторно за независниот лабел „Шарла“ (Sharla), кој одбележува eдна деценија постоење.

Сè уште доволно млада за да ги наполни своите стихови со храброст и полет, а таман искусна за да посегне по нов квалитет на современ музички израз, Димитра е во зона. Тука е да испорача искрена и остра критичка опсервација на совремието, без да штеди никого и ништо, најмалку себе.

Албумот на Димитра Цилевска се состои од 11 теми, за кои сите таа ја напиша музиката и текстот. Нејзина е и фотографијата/омотот на изданието.

Од Димитра до слушатело(т):

Сакам музика. Со музика знам да отпатувам во соновниот свет, каде сѐ лебди, каде сѐ се претопува. Тотална слобода. Поврзаност со душата. Сакам да пишам песни. Да создавам песни. Да пејам песни. Заносни. Мелодични. Полни емоција. За мене песна е патување во внатрешноста преку сетилата, како допир на есенски ветер, како мирис кој те потсеќа на место кај шо можда не си ни бил… или си бил на сон.
Ова не е то. Пошто ова не е време за песни.
Ова се размислувања и одглумувања, истражување улоги кои го илустрираат односот меѓу субјективното и објективното, меѓу индивидуалецот и светот, меѓу видливото и невидливото, меѓу вистинското и илузорното, меѓу помисленото и направеното – сѐ претставено преку маската на сајбер светот.
Екранот е медиум. Можда е и затвор.
Можда е само точка на спојување на двете крајности.
Ова сум јас, ама и не сум јас.
Ова е мојата маска, а и можда не е ни моја.
Оваа улога можда не е моја, ама сакам да си поиграм со неа,
и да ја пуштам во етерот без многу размислување.
Ние сме светот, а можи сме и нешто друго.
Можи и светот е нешто друго.
Можи и песната знај да е нешто друго.
Шо е до оваа приказна, од самиот раб на акција, само едно ќе речам:
Мисли локално, делувај глобално.