Младата музичка изведувачка Дина Јашари за својата песна „Дома“ ја доби регионалната награда „Милан Младеновиќ“.
Наградата ја доделува Фондацијата „Милан Младеновиќ“ за најдобра песна во регионот, а доделувањето на наградите, симболично секоја година, се одржува на роденденот на Младеновиќ, 21 септември.
Одлуката за добитникот на овогодишната награда ја донела регионална жири-комисија составена од Миле Кекин (Хрватска), Соња Лончар (Србија), Матјаж Манчек (Словенија), Едо Пловановиќ (Хрватска) и Драгиша Ускоковиќ Чима (Србија).
Оваа година за прв пат наградата е доделена на изведувач кој делува надвор од границите на Србија.
„Ова е голема поддршка за мене и мојата музика и се заблагодарувам што ги поддржувате уметниците на нашите простори. Минатата година влегов во финалето со друга песна и добив прекрасни коментари“, изјави Јашари при доделувањето на наградата.
Фондацијата „Милан Младеновиќ“ ја презентирала и промотивната компилација во која се претставени финалистите на овогодишниот музички конкурс, а оттаму најавиле и два проекти – изработка на спомен-плоча која ќе биде поставена на зграда во Нов Белград, каде што живеел Младеновиќ и нова плоча.
На доделувањето на наградата бил прикажан и видео спотот на „unplugged“ верзијата на песната „Ti si sav moj bol“, кој претставува најава за претстојниот албум „EKV Unplugged Skopje 1992“, што ќе биде објавен во октомри.
Станува збор единствениот „unplugged“ концерт на кој учествувал целиот состав на бендот.
Досегашни добитници на наградата која се доделува од 2019 година се „Артан Лили“ за песната ,,D.E.P.R.A”, потоа бендот „d.r.a.m.“ за песната „Daj mi sve” и „Ана & The Changes“ со песната „Tu”.