„Дојдов до заклучок дека повеќе се исплати да отвориш партија отколку фирма, денес се мислам да си аплицирам во агенција за иселување“.
„Невработеноста се намалува од ден на ден со иселување, е тоа е добар маркетинг потег.
Оти за името на државата се грижиме, но не и за луѓето кои живеат во државата. Ете затоа ќе си одам од земјава“.
„Ако не знаеш колку луѓе се во фаза на иселување од Македонија види само колку миленици се подаруваат поради заминување во странство“.
„Оти за името на државата се грижиме, но не и за луѓето кои живеат во државата. Ете затоа ќе си одам од земјава“.
Ова се дел од коментарите на младите луѓе на социјалните мрежи на тема иселување. Најголем дел од младите кои живеат надвор од Скопје сакаат својата иднина да ја градат надвор од Македонија, а сè помалку и главниот град им ја нуди перспективата која ја посакуваат, велат од невладините организации. Тоа го покажува и последното истражување на Реактор, според кое околу 40 проценти од младите одговориле дека за пет години својата иднина ја гледаат во друга држава. Според статистичките податоци, во Скопје, Битола, Прилеп, Куманово и Тетово живее 40 отсто од вкупното население во земјава.
Иако државните институции не кажуваат колку луѓе ја напуштиле земјата, службата за статистика на ЕУ, Еуростат, објави дека од 1998 та до 2012-та, 230 илјади луѓе официјално се иселиле од земјава и имаат регулиран престој во странство. Тоа претставува повеќе од 10 отсто од вкупното население во Македонија. Од нив, 170 илјади Македонци се со привремен престој во земјите од ЕУ. Најголем дел од иселениците во ЕУ живеат во Италија, потоа следуваат Германија, Австрија, Словенија. Во периодот од 2002 година до 2008 година се забележува и масовно одобрување странски државјанства за македонските граѓани. Во тој период околу 5.000 луѓе годишно добивале пасош во друга земја. Но, се претпоставува дека бројката е многу поголема, бидејќи не се знае колку луѓе имаат нерегулиран престој.