Дипломирани студенти на Харвард нема да добијат дипломи една година поради протестот за Палестина

Универзитетот Харвард одлучи да го одложи доделувањето на дипломите на 13 студенти на една година, поради нивно учество во протестот за Палестина. Ова предизвика гнев и масовно напуштање на церемонијата на дипломирање која се случи на 23 мај, известува Ал Џазира.

Поминати се повеќе од две недели од церемонијата за дипломците за 2024 година на колеџот Харвард, но Асмер Асрар Сафи од Пакистан, студент по социјални студии и етничка припадност, миграција и права сè уште чека да ја добие дипломата за која студирал четири години.

„Ситуацијата останува таква каква што е, за жал“, вели тој.

Највисокото раководно тело на Универзитетот, односно корпорацијата Харвард, на Сафи и уште 12 студенти им забрани да ги добијат своите дипломи за време на овогодинешната церемонија на дипломирање поради нивна вклученост во тринеделниот пропалестински камп на Универзитетот минатиот месец.

„Очекувам да излезе мојата жалбена одлука. Јас сум стипендист на Родос и се обидувам да утврдам дали можам да продолжам на Универзитетот во Оксфорд со оглед на тоа што мојата диплома на Харвард е задржана една година, иако ги исполнив сите академски услови за мојата програма и ги завршив барањата за диплома“, информира дипломираниот студент без диплома.

 

Шрада Џоши од Тексас е уште една студентка која нема да може да ја добие својата диплома, и покрај тоа што има поддршка од нејзиниот факултет на колеџот Харвард, каде што студирала на истата програма како Сафи.

„Откако ја комплетиравме апликацијата за жалба, се чини дека сме во неизвесност додека чекаме комуникација од универзитетот. Студентите и членовите на факултетот се прилично збунети од нејасноста на процесот, а временската рамка за жалби е нејасна“, посочува студентката.

Таа планирала да магистрира социологија во Велика Британија, но вели дека нејзината иднина сега е неизвесна.

„Требаше да одам на Универзитетот во Кембриџ со стипендијата Харвард-Велика Британија, но моите планови сега се во застој поради мојот статус на диплома. Недостатокот на транспарентност и слабата комуникација од администраторите го отежнуваат предвидувањето како ќе изгледаат нашите следни чекори“, вели Џоши.

Како и многу други академски институции во САД, Универзитетот Харвард се најде заглавен во сè полута дебата за академската слобода и правото на протест поради тековната војна на Израел во Газа.

Инаку, студентските протести во САД против поддршката на Израел започнаа во април кога студентите на Универзитетот Колумбија во Њујорк отпочна камп во нивниот кампус во знак на протест против израелската војна во Газа каде бараа нивниот универзитет да отстапи од соработката со компании поврзани со Израел или кои водат бизнис со Израел.

Протестното движење брзо се зголеми низ целата земја проследено со кампови кои се појавија на повеќе од 30 други универзитети, вклучувајќи го и Харвард, каде што студентскиот протестен камп започна на 24 април.

 

Барањето на студентите од кампусот на Харвард, слично како и останатите колеџ-кампуси во САД, беше целосно обелоденување на инвестициите на Харвард во компании поврзани со Израел и барање за отстапување од соработката со тие компании.

По преговори меѓу универзитетската администрација и коалицијата Харвард надвор од окупирана Палестина (HOOP), кампот беше распуштен на 14 мај, но последици се уште има.