Државите треба да размислат за регулирање на мобилните телефони и другите дигитални уреди на сличен начин како и тутунските производи за да се борат против растечкото негативно влијание на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите, рече Наташа Ацопарди Мускат од Светската здравствена организација (СЗО).
Според Мускат, има сè поголеми докази дека игрите и социјалните мрежи го поттикнуваат порастот на проблематично однесување кај адолесцентите во Европа, така што земјите треба да се инспирираат од други области каде што законодавството помогна во справувањето со потенцијално штетните навики – како што се законите за тутун.
„Мерките како што се воведување старосни ограничувања, контрола на цените и забрана за употреба во одредени области помогнаа да се намали употребата на тутун, така што тие би можеле да се земат како пример за да се спречи штетната употреба на уреди како паметните телефони“, изјави за Политико Мускат, лекарка и директорка на Одделот за државни здравствени политики и системи во СЗО.
„Можеби треба да размислиме каде е соодветно да се користат дигитални уреди, а можеби и време е да почнеме да размислуваме за места каде одредени дигитални уреди не треба да се користат“, исто како што забрануваме пушење во одредени области“, рече таа.
Друг клучен елемент е да се осигура дека децата и тинејџерите – без оглед на нивното потекло, етничка припадност или социјален статус – се „писмени, опремени и поучени“, додаде таа. Тоа значи да ги опремиме со вистинското знаење „за тие да владеат со дигиталниот свет и да не дозволат дигиталниот свет да владее со нив“.
Студијата на СЗО објавена минатиот месец покажа зголемување на проблематичното и „зависно“ однесување во консумацијата на игри и социјални медиуми кај адолесцентите во Европа.
„Како и со било што друго, можете да ги користите овие алатки добро и ефикасно“, рече Ацопарди Мускат. „Но, мораме да бидеме внимателни бидејќи имаме дел од популацијата што пријавува проблематична употреба и знаеме дека тоа на крајот може да влијае на нивните образовни резултати, нивното ментално здравје и благосостојба, нивната продуктивност во работната сила“.
Врската помеѓу користењето на социјалните мрежи и менталното здравје, особено кај тинејџерите, добива сè поголемо внимание. Претходно ова лето, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен вети „прва европска истрага за влијанието на социјалните медиуми врз благосостојбата на младите“.
Прегледот на доказите е од клучно значење, но не треба да чекаме премногу долго, рече Ацопарди Мускат.
„Треба систематски да се собираат докази и потоа да видиме што веројатно ќе функционира и каков е пристапот што сакаме да го преземеме“, рече таа. „Но, сосема е јасно дека не можеме да го одложиме преземањето акции и одлуки“.
Во македонски контекст, новото истражување на Институтот за комуникациски стуии (ИКС) покажа дека дури една четвртина од младите луѓе (од 18 до 29 години) се наоѓаат во критичните нивоа на зависност од социјалните медиуми: околу 5% спаѓаат во категоријата на висока зависност, а дополнителни 19% се блиску до најкритичното ниво на зависност, што значи дека тие се соочуваат со предизвикот да го намалат користењето на социјалните медиуми и се свесни дека треба да го направат тоа.
„Споделувањата, лајковите и коментарите на платформите го активираат мозочниот центар за наградување, што резултира со високо ниво допамин, слично на она што луѓето го чувствуваат кога се коцкаат или користат дрога. Овој тип зависност спаѓа во категоријата зависност во однесувањето“, се вели во домашното истражување.
Истражувачите посочуваат дека кај лицата што се зависни од социјалните мрежи може да се забележи: појава на вознемиреност, особено во случај кога нема достапност до социјалните мрежи, исто така постојано се проверува телефонот кога ќе се слушне звукот за известување, а при поставување слика на социјалните мрежи постојано се проверуваат коментарите и допаѓањата (лајковите). Воедно, користењето на социјалните мрежи е првото и последното нешто во денот, односно е вообичаена рутина, додека настаните се проценуваат според тоа колку се вредни за „прикачување“.
„Блиските забележуваат дека лицето поминува повеќе време на социјалните мрежи отколку во вистинско дружење со нив. Една студија утврди дека тинејџерите што користат социјални медиуми повеќе од три часа дневно може да бидат изложени на зголемен ризик од нарушување на менталното здравје (пораст на депресијата и анксиозноста, ниска самодоверба, нарушување на исхраната и сонот, како и нарушување на сликата за сопственото тело)“, стои во истражувањето на ИКС.